Зеленски објави видео од нападите врз Украина: „Војната мора да заврши. И Москва мора да го чуе зборот - „Стоп“.“

Макфакс

18/08/2025

13:40

702

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, остро реагираше на ноќните руски напади низ Украина, велејќи дека тие јасно ги демонстрираат намерите и пристапот на Москва кон војната.

Во своето обраќање, Зеленски рече дека руските сили ги таргетирале станбените згради и клучната цивилна инфраструктура во неколку региони.

„Дури и во овој момент, Русите ги напаѓаат Харков, Запорожје, Сумскиот регион и Одеса, уништувајќи станбени згради и нашата цивилна инфраструктура. Русите намерно убиваат луѓе, особено деца. Досега, седум лица се убиени во напад со беспилотно летало во Харков, најмладото е девојче на возраст од само една и пол година, а десетици се повредени, вклучувајќи деца“, рече Зеленски.

„Во Запорожје, ракетните напади повредија 20 лица, а убија три. Мое сочувство до семејствата и најблиските на сите жртви.“

Тој особено го истакна нападот врз енергетскиот објект во Одеса, подвлекувајќи ги неговите пошироки импликации. „Исто така, имаше намерен руски напад врз енергетски објект во Одеса, во сопственост на азербејџанска компанија, што имплицира дека тоа бил напад не само врз нас, туку и врз нашите односи и енергетска безбедност“, објасни тој.

Пред состанокот во Вашингтон, Зеленски ги поврза нападите со денешниот важен дипломатски состанок во Вашингтон, чија главна тема е токму завршувањето на војната.

„Тие се свесни дека денес во Вашингтон се одржува состанок на кој ќе се разговара за завршувањето на војната. Ќе разговараме со претседателот Трамп за клучните прашања. Покрај Украина, во разговорот ќе учествуваат и лидерите на Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Финска, Европската Унија и НАТО. Сите бараат достоинствен мир и вистинска безбедност“, рече украинскиот претседател.

Тој предупреди дека „руската воена машина продолжува да уништува животи и покрај сè“ и дека „Путин ќе изврши демонстративни убиства за да го одржи притисокот врз Украина и Европа, како и да ги понижи дипломатските напори“.

Затоа тој упати јасен апел за помош и безбедносни гаранции.

„Токму затоа бараме помош за да се спречи убивањето. Затоа се потребни сигурни безбедносни гаранции. Затоа Русија не треба да биде наградена за нејзиното учество во оваа војна“, нагласи Зеленски, завршувајќи со порака упатена директно до Москва:

„Војната мора да заврши. И Москва мора да го чуе зборот: „Стоп“.“