Конечна судска одлука: Додик повеќе не е претседател на Република Српска

Макфакс

18/08/2025

16:13

274

Големина на фонт

а а а

Апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот на претседател на Република Српска.

Како резултат на тоа, според сараевските медиуми, Додик официјално повеќе не е на таа позиција, а ЦИК е должна да распише предвремени избори за претседател на ентитетот.

Да потсетиме дека ЦИК претходно донесе одлука за прекин на неговиот мандат, но таа можеше да стапи на сила дури откако ќе стане конечна, или потврдена од Апелациониот совет на Судот на БиХ. Денешната одлука конечно утврди дека Додик повеќе не е претседател на Република Српска.

Во образложението на пресудата, Судот наведе дека мандатот на избраниот функционер завршува на денот на правосилност на пресудата со која е осуден на затворска казна од најмалку шест месеци, што во случајот на Додик беше 12 јуни 2025 година, кога беше донесена второстепената пресуда. Судот ги отфрли и тврдењата за ретроактивна примена на законот, нагласувајќи дека пресудата станува правосилна на денот на нејзиното донесување, додека нејзината извршност е поврзана со доставување до странките, што не ги менува правните последици за мандатот.