Летувањето во Грција, омилената дестинација за многу од семејствата од Балканот, за одредени туристи се претворило во непријатно и вознемирувачко искуство, по инцидент којшто се случил на плажа во местото Неа Флогита.
На социјалната мрежа Фејсбук во групата „Грчка инфо“, се појавило морничаво предупредување – туристи фатиле група Бугари како фотографираат мали деца на плажа, а според тврдењата на сведоците, истите наводно биле наменети за понатамошна препродажба, пренесува српски „Телеграф“.
„Денеска фатени се Бугари како фотографираат мали деца на плажа заради понатамошна препродажба на фотографиите и настана општ хаос кога родителите на децата го забележаа тоа. Ве молам, предупредете ги сите да бидат внимателни и да пријават доколку видат нешто слично“, напишала една Србинка која таму се нашла на одмор.
Инцидентот предизвикал паника меѓу родителите, а бројни членови во групата коментирале дека безбедноста на северот од Грција е сериозно загрозена затоа што тие места се „погодни за крадци и манијаци од околните земји кои ја преминуваат границата“.
По бројни реакции во истата група се огласила и Србинката Даница која на родителите им дала конкретни совети и ги потсетила дека и во Грција, како и во земјите од цела Европска унија, децата се посебно заштитени со закон и GDPR регулатива.
„Фотографирањето малолетници без дозвола од родителите или старателите претставува повреда на приватноста. Доколку фотографиите се користат, споделуваат или продаваат, тоа се третира како сериозно кривично дело експлоатација на деца и строго се казнува парично и затворски“, предупредила таа.
Според нејзините зборови доколку родителите забележат ваква ситуација, треба веднаш да реагираат:
- Повикајте полиција на бројот 100 или европскиот итен број 112.
- Пријавете онлајн кај полициските единици за високотехнолошки криминал по пат на имејл: ccu@cybercrimeunit.gov.gr.
- Или анонимно преку организацијата „SafeLine Greece“ на линкот www.safeline.gr/en.
„Ве молам да бидеме претпазливи едни кон други и да го споделиме ова со другите семејства. Нашите деца имаат право на сигурност и приватност, а ние треба да реагираме кога детето е загрозено“, порачала Даница.