Кога купувате или изнајмувате нов дом, сосема е нормално да очекувате празен простор – подготвен за вселување. Понекогаш поранешните сопственици знаат да остават некој апарат или парче мебел што веќе не им е потребно, но ретко кој би очекувал дека во новиот дом ќе го дочека – жив станар.
Токму тоа ѝ се случило на Лорен Вилсон, која своето необично искуство го сподели на „TikTok“. Додека го снимала моментот кога првпат ги отклучува вратите од својата нова куќа, воопшто не претпоставувала дека ќе забележи сцена која ќе ја шокира и збуни истовремено.
Непланиран пречек
На видеото се гледа како Лорен влегува во ходникот на куќата, а на неговиот крај – зад детска заштитна преграда – стои куче. Малото бело кутре весело мавта со опашката, како да ја пречекува во својот дом. Иако симпатична, сцената ја оставила Лорен без зборови. На прв поглед помислила дека поранешните сопственици едноставно го оставиле кучето, што ја ужаснало. „Кога во новиот дом те пречекува куче“, напиша таа во описот на видеото.
На подот во ходникот имало и шишиња вода и пакет тоалетна хартија, што на целата ситуација ѝ дало уште побизарен призвук – како некој да ја напуштил куќата во брзање.
@lourenwilson1 We were so excited too 🥲#fyp ♬ Linger - The Cranberries
Реакции на социјалните мрежи
Реакциите на следбениците биле бурни. „Сирото кутре, мисли дека е напуштено“, напишала една корисничка. Друга додала: „Пријавете ги сопствениците, кој остава куче само така?“
Но вистината, сепак, била помалку драматична. Лорен подоцна објаснила дека кучето не било напуштено – поранешните сопственици едноставно не успеале сè да преселат во една тура. „Ни беше кажано дека можеме да се вселиме, ги добивме клучевите и тргнавме кон куќата. Немавме поим дека тие сè уште не изнеле сè. Кога стигнавме, кучето беше внатре“, напиша таа.
Среќен крај
Лорен веднаш го контактирала агентот за недвижнини, кој потоа ги известил поранешните сопственици. Таа и нејзиното семејство отишле на вечера, а кога се вратиле околу 20:30 часот, ги дочекала порака дека сè од куќата е изнесено – вклучувајќи го и кучето, кое среќно им се придружило на своите вистински сопственици.
Иако ситуацијата завршила среќно, видеото собрало илјадници прегледи и коментари, а многумина се согласија дека глетката на куче во нов дом, барем за момент, сигурно би им го забрзал пулсот.











