[ВИДЕО] Ким Кардашијан во солзи во новиот документарец за Канје Вест: „Твојата личност не беше ваква пред неколку години!“

Точка

16/08/2025

19:31

1.773

Големина на фонт

а а а

Ријалити ѕвездата Ким Кардашијан се расплака додека му се обраќаше на својот поранешен сопруг Канје Вест во трејлерот за документарецот „Во чие име?“ (In Whose Name?), посветен на контроверзниот рапер.

„Твојата личност не беше ваква пред неколку години!“, му порача Кардашијан.

Во видеото, 44-годишната ѕвезда е очигледно вознемирена за време на жестока расправија со Вест, кој денес е познат под името Је. Тој ѝ признал дека престанал да зема терапија за биполарно растројство.

„Пет месеци сум без лекови. Подобро би бил мртов отколку на терапија. Или тие ќе уништат мене или јас нив“, изјавил Вест.

Кардашијан и Вест беа во брак од 2014 до 2022 година и имаат четири деца – Норт, Сејнт, Чикаго и Псалм. Нивниот развод и нестабилниот однос со години се тема во медиумите, дополнети со бројни контроверзни објави на социјалните мрежи.

Вест уште во 2016 година за првпат јавно проговори за својата дијагноза. Оваа година, пак, тврди дека бил погрешно дијагностициран и дека всушност е аутист, нагласувајќи дека тоа не е ментална болест.


Трејлерот прикажува моменти на конфликти меѓу поранешниот пар, емоционални испади на Вест, како и делови од неговиот професионален и приватен живот: настапи, музички проекти, мода, но и сцени со неговите деца.

Во еден момент, за време на верска служба за затвореници, се слуша неговата порака: „Кога сме во затвор, проповедаме дека Исус може да нè ослободи, и тоа е вистина“. На друго место, држејќи знак „ЈЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ“ (YE4PRESIDENT), тој вели: „Ти благодарам, Исусе. Решив да се кандидирам“.

Трејлерот открива и интимни моменти со ќерката Норт, како и шокантна исповед.


„За малку ќе ја убиев својата ќерка“, признава Вест.

Документарецот е дело на режисерот и продуцент Нико Балестерос, кој почнал да работи со Вест како стажист на 18 години и шест години го следел со камера.

„Балестерос создаде нефилтриран портрет на Је, нудејќи невиден увид во приватниот и јавниот живот на една од најконтроверзните фигури на модерната култура“, стои во описот на филмот.

Филмот го прикажува патот на Вест до статусот на најбогатиот црн човек во американската историја, неговите одлуки, контрадикции и падови што ја редефинираа неговата оставнина. Освен Ким Кардашијан, во документарецот се појавуваат и други значајни личности од неговиот круг.


Премиерата на документарецот „Во чие име?“ (In Whose Name?) е закажана за 19 септември, а ќе се прикажува во голем број кино-сали низ САД.