Почина мајката на Џеф Безос: Трогателна приказна за тинејџерката која го одгледала едниот од најбогатите луѓе во светот

Точка

15/08/2025

12:22

815

Големина на фонт

а а а

Џеклин Џеки Безос, мајката на основачот на Амазон, Џеф Безос, почина на 78-годишна возраст. Вест ја потврди „Bezos Scholars Program“ во четврток, велејќи дека починала мирно во својот дом во Мајами.

„Во 2020 година, на Џеки ѝ беше дијагностицирана деменција со левиеви тела, прогресивно невролошко заболување, против кое се бореше со истото достоинство и храброст што го красеа секој дел од нејзиниот живот. Мајк, нејзиниот сопруг и партнер повеќе од половина век, беше покрај неа на секој чекор од патот“ се наведува во соопштението.

Во прошталната порака, нејзината смрт беше опишана како „тивко последно поглавје од животот што нѝ го покажа на сите нас, пријателите и семејството, вистинското значење на упорноста, решителноста, љубезноста и служењето на другите“.


Веста првпат беше објавена на Инстаграм профилот на „Bezos Scholars Program“. Еден следбеник напиша:

„Чест ми е што работев со Џеки на програмата и што останав во контакт со неа и Мајк. Универзумот беше подобро место поради нејзиното постоење“.

Друг додаде: „Џеки живееше според принципот на ефектот на бранови – брановите што ги создаде ќе продолжат да се шират. Таа допре до толку многу животи“.

По смртта на неговата мајка, Џеф сподели емотивна порака на Инстаграм, потсетувајќи се на предизвиците низ кои поминала како тинејџерка-мајка.


„Не ѝ било лесно, но успеала да го изнесе сето тоа. Знам дека ја чувствуваше нашата љубов“, напиша тој.

Сопругата на Џеф, Лорен Санчез Безос, исто така ѝ оддаде почит објавувајќи фотографија од Џеки со емотикон со скршено срце.

Животот и наследството на Џеки Безос

Џеки го роди Џеф на само 17 години, додека сè уште била средношколка во Албакерки, Ново Мексико. Една година претходно се омажила за неговиот биолошки татко, Тед Јоргенсен, но поднела барање за развод кога Џеф имал само 17 месеци.

Решена да обезбеди подобра иднина за својот син, по завршувањето на средното училиште, таа посетувала вечерни курсеви додека преку ден работела во банка. Таму го запознала младиот кубански бегалец, Мигел Мајк Безос, кој работел ноќна смена.


Тие се венчале во април 1968 година, започнувајќи заедничко животно патување кое ќе ја обликува иднината на нивното семејство.

Мајк подоцна го посвоил Џеф, а двојката доби уште еден син, Марк. Нивната верба во визијата на Џеф беше ставена на тест во 1995 година, кога инвестираа речиси 250.000 долари во неговата тогаш необична идеја – онлајн книжарница, во која малкумина веруваа.


Џеф се потсети на тој момент во 2015 година:

„Им реков дека е многу ризично. Сакав да дојдам на Денот на благодарноста без да бидат лути на мене“.

Таа инвестиција се покажала како историска. Денес, Амазон вреди повеќе од 2 трилиони долари, а Џеф Безос е меѓу најбогатите луѓе во светот, со богатство од над 243 милијарди долари.


Помеѓу 2001 и 2016 година, семејството Безос донирало речиси 600.000 акции на Фондацијата на семејството Безос. Во 2022 година, Џеф им купи на своите родители луксузна вила на плажа во Мајами, вредна 34 милиони долари, со шест спални соби и седум бањи.

Семејството изрази благодарност до медицинскиот персонал кој се грижел за Џеки откако ѝ била поставена дијагнозата во 2020 година.


„Како баба, таа наоѓаше огромна радост гледајќи како семејството расте. Таа ги пренесе не само традициите и приказните, туку и своите вредности – љубезност, отпорност и важноста на заедништвото“ се наведува во прошталната порака.