Меѓународната одбојкарска федерација („FIVB“) спроведе истрага и утврди дека две одбојкарки во составот на репрезентацијата на Виетнам имаат зголемено ниво на тестостерон, односно станува збор за трансродови лица. Поради тоа, на Виетнам му се одземени бодови, а можно е да следуваат и дополнителни санкции.
Голем скандал ја потресе светската одбојка. На Светското првенство за жени до 21 година, „FIVB“ ги поништи резултатите на Виетнам поради тоа што во тимот имало две трансродови лица. На тимот му се одземени сите бодови и нема да се пласира во осминафиналето.
Станува збор за Тхи Хонг Данг и Фуонг Квин Нгуен, за кои, според „FIVB“, е извршено тестирање и утврдено е дека имаат прекумерно ниво на тестостерон. До моментот на тестирањето, Виетнам имаше победи над Индонезија (3-0), Србија (3-1) и Канада (3-1). Сите тие натпревари се поништени и запишани како пораз за Виетнам со 3-0. Единствениот регуларен меч остана оној против Аргентина, кој Виетнам го загуби со 3-1, бидејќи спорните одбојкарки не настапија на него.
Како резултат на тоа, Индонезија обезбеди пласман во осминафиналето, а Виетнам падна на последното место во групата. „FIVB“ соопшти дека сите тестирања се спроведени според правилата и дека Виетнам прекршил повеќе членови од Дисциплинскиот правилник. Случајот е предаден на Дисциплинскиот совет на „FIVB“, кој може да изрече и дополнителни казни по завршувањето на турнирот. Репрезентацијата на Виетнам ќе има право да даде официјално мислење за ситуацијата.