ПСЖ и Тотенхем во борба за Суперкупот на УЕФА

Макфакс

13/08/2025

10:53

138

Големина на фонт

а а а

Актуелниот победник на Лигата на шампионите, ПСЖ, и актуелниот победник на Лига Европа, Тотенхем, ќе се сретнат вечерва во 21 часот на стадионот „Блуенерџи“ во Удине во борбата за Суперкупот на УЕФА.

Победникот на Лигата на шампионите сака да додаде трофеј што не го освоил ниту еден француски клуб, додека Тотенхем се надева дека ќе подигне уште еден трофеј по освојувањето на Лига Европа.

Единствениот пат кога ПСЖ имаше шанса да го освои Суперкупот беше во 1996 година, кога, како победници на Европскиот куп, играа против Јувентус и претрпеа тежок пораз од вкупно 9:2 во двата натпревари. Тоа беше претпоследната година во која натпреварувањето се играше во два натпревари.

Марсеј, од друга страна, ја освои Лигата на шампионите во 1993 година, но поради скандал со наместени натпревари, не можеше да учествува во Суперкупот.

Луис Енрике сега има можност да испише нова страница во клупската историја. По триумфот во Лигата на шампионите, ПСЖ не успеа да слави на Светското клупско првенство, каде што Челзи неочекувано ги победи во финалето.

Енрике веројатно ќе игра со истиот состав на натпреварот како против Интер во финалето на Лигата на шампионите, освен што Лукас Шевалие ќе брани наместо Донарума. Исто така, тој не може да смета на Жоао Невеш, кој беше исклучен против Челзи.

Томас Франк, данскиот тренер на Тотенхем, ќе дебитира во новиот клуб. Тотенхем влегува во новата сезона без Хеунг-мин Сон, кој се пресели во ЛАФЦ по десет години во Лондон. Негов заменик е Мохамед Кудус, кој пристигна од Вест Хем. Франк ги нема на располагање Медисон, Соланке, Кулушевски и Драгушин.