Пет години по затворањето на „Еуростандард банка“, оштетените штедачи повторно јавно реагираат дека истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал стагнира – без обвиненија, без обвинети и без рочишта. „Само молк, само време што истекува, само надеж што бледнее,“ велат од Здружението.
„Не го забораваме јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал – незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Не ги забораваме фирмите поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции. Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници“, велат штедачите.
Истакнуваат дека голем дел од оштетените се пензионери, работници и мали бизниси. Тие обвинуваат за „внимателно испланиран криминал“ во кој се вклучени лица од бизнис и семејни кругови на поранешни директори.
„Ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој план единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме и нема да замолчиме,“ порачаа од Здружението, прашувајќи дали побрзо ќе се изгради пругата Скопје–Солун отколку што ќе се поднесе обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра.