Американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, ќе се сретнат на Алјаска на 15 август, каде што, како што соопшти Кремљ, „ќе се фокусираат на дискусии за опциите за постигнување долгорочно мировно решение во Украина“. Ова предизвикува растечки тензии во Киев и низ Европа, поттикнати од стравувања дека претседателите на САД и Русија ќе постигнат договор меѓусебно, оставајќи ги сите други актери пред свршен чин.
Според шпекулации, Путин ѝ предложил на Америка да го запре војувањето во замена за источниот дел на Украина, а се чини дека договорот би подразбирал некаква територијална размена. Самиот Трамп изјави дека меѓу Русија и Украина ќе дојде до „размена на територии на доброто на двете страни“ – идеја на која се спротивставуваат и Киев и неговите европски сојузници.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека „Украинците нема да ја предадат својата земја на окупаторите“.
„Мала победа за Путин“
Фактот дека Трамп се среќава со Путин на Алјаска е мала дипломатска победа за рускиот претседател, изјави Тереза Гуенов, програмска директорка во Центарот за стратегии и безбедност „Скоукрофт“ при „Атлантскиот совет“.
„Изгледа дека Трамп влегува во овој разговор како да преговара со Путин на партнерско или пријателско ниво. Тоа дополнително ќе ги отежне дискусиите доколку Украина не биде вклучена – рече таа.
А Украина нема да учествува на оваа средба. Кога новинарите го прашаа Трамп за таквата можност, тој само одмавнал со рака, пишува „The New York Times“. Доколку самитот на Алјаска помине успешно, американските медиуми наведуваат дека би можело да се одржи трилатерална средба меѓу Путин, Трамп и Зеленски.
Според она што, наводно, Путин му го презентирал на Трамповиот претставник Стив Виткоф во Москва, Русија би се согласила на целосен прекин на огнот доколку Украина ги повлече своите сили од остатокот на источниот регион, со што Русија би добила целосна контрола врз Доњецк, Луганск и Крим.
„Наместо да бидат под притисок – добија покана“
Односот на Трамп кон Русија на Путин и војната во Украина се менуваше речиси преку ноќ откако влезе во Белата куќа – од првични надежи за брз договор (иако не за 24 часа, како што тврдеше), до фрустрација поради руските напади врз украинските градови и одбивањето на Москва да прифати траен прекин на огнот, што го условува со „отстранување на причините“ за конфликтот. Но, откако Виткоф отпатува во Москва, само два дена пред истекот на Трамповиот ултиматум – прекин на огнот или санкции – наместо Кремљ да биде под притисок, Путин доби покана за Алјаска.
Сем Грин, професор по руска политика на „King’s College London“, оцени дека самитот е резултат на тоа што и Путин и Трамп „се најдоа притиснати во агол“.
Путин, вели Грин, никогаш не планирал да објави договор во согласност со Трамповиот ултиматум, бидејќи тоа би изгледало како слабост под притисок, а Трамп бил несигурен во врска со санкциите, стравувајќи дека на крајот ќе се покажат неефикасни и ќе го прикажат како „слаб по втор пат“.
„Фактот дека Путин не оди во САД како изнуден соговорник, туку како добредојден гостин, и дека средбата се одржува без Украинци и Европејци, сето тоа е дипломатска победа за Русиј“, истакна Грин.
Што може да се очекува од самитот?
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Трамп ќе го „тестира“ Путин.
„Во петок ќе биде важно да се види колку е Путин сериозен, а единствениот што може да го утврди тоа е Трамп. Ако не е сериозен, тука ќе заврши се. Ако е сериозен, тогаш од петок процесот ќе продолжи, Украина ќе биде вклучена, а потоа и Европејците“, рече Руте, пренесува „CBS News“.
Тој нагласи дека Украинците, кога станува збор за дискусии околу територијата, безбедносните гаранции, мировните преговори и понатамошните чекори, „мора да бидат и ќе бидат вклучени“.
Што значи ова за Европа?
Во Европа расте загриженоста дека ќе бидат „тргнати на страна“ додека Путин и Трамп договараат спогодба. Рускиот воен блогер Роман Аљохин изјави дека Европа е сведена на улога на набљудувач.
„Ако Путин и Трамп постигнат договор директно, Европа ќе се соочи со свршен чин. А Киев – уште повеќе“, рече тој.
„Во ризик сме да станеме фуснота во историјата“, изјави за „CNN“ еден неименуван европски дипломат.
Во европските престолнини владее сомнеж дека „размената на територии е за доброто на двете страни“, како што вели Трамп, е воопшто реална опција.
„Во Париз, Берлин или Лондон нема чувство дека оваа американска администрација гледа проблем во заземањето туѓа територија, а Европејците тоа го сметаат за длабоко вознемирувачко – рече дипломатот.
Затоа, ЕУ во пресрет на самитот застана цврсто зад Украина. Неколку членки на НАТО во Европа отворено се скептични кон секој договор што „ја наградува руската агресија“ во војна што трае веќе три години.
Од што стравува Украина?
Украина се плаши дека ќе го загуби правото на глас за својата иднина, пишува „The New York Times“.
Во речиси три и пол години војна, главниот став на Вашингтон беше дека „нема преговори за Украина без Украина“.
Но, на Алјаска Украина нема да биде присутна. Откако Трамп влезе во Белата куќа, стравот во Киев е дека неговата визија за „мировен договор“ подразбира директен аранжман меѓу него и Путин – слично на тоа како Франклин Рузвелт, Јосиф Сталин и Винстон Черчил ја поделија Европа на конференцијата во Јалта во 1945 година.
Русија го поздравува самитот
Додека европските и украинските претставници бараат начин за реакција, Русите го поздравија самитот на Алјаска – бидејќи ова е првпат руски лидер да биде поканет во САД надвор од Обединетите нации од 2007 година, а Кремљ очигледно нема да мора да направи големи отстапки во војната, пишува „The Washington Post“.
Кирил Дмитриев, специјален руски претставник и клучен неформален посредник меѓу Кремљ и администрацијата на Трамп, изјави дека одлуката за одржување на самитот на Алјаска – која САД ја купиле од Русија во 1867 година за 7,2 милиони долари – има силно симболично значење за американско-руското партнерство.
„Родена како Руска Америка – со православни корени, тврдини, трговија со крзно – Алјаска ги одразува тие врски и ја прави Америка арктичка нација“, напиша Дмитриев на мрежата „X“.
Руски воени блогери, исто така, го прославија самитот, но воениот дописник Александар Коц предупреди на „Telegram“ дека средбата „ги има сите шанси да стане историска“, но „под услов Западот да не се обиде да изведе нова шема“.
Дмитриев предупреди дека се во тек „титански напори на некои земји“ да го поткопаат претстојниот самит, пренесува „Fox News“. Не посочи конкретни држави, но предупреди дека критичарите на преговорите би можеле да се обидат да го саботираат преку дипломатски маневри или медиумски провокации.