Турција вчера беше погодена од серија земјотреси. Еден 81-годишен маж загина, а 29 лица беа повредени во земјотрес со интензитет од 6,1 степени според Рихтеровата скала што се случи синоќа во округот Синдирги во Баликешир, на западот од Турција.
По тој земјотрес, во текот на ноќта во Турција биле регистрирани околу сто помали земјотреси со интензитет од два до 4,5 степени.
Утрово бил регистриран земјотрес на 25 километри од центарот на Анкара во округот Етимесгут, со јачина од 3,2 степени, објавија турските медиуми.
Земјотресот со јачина од 6,1 степени што го погоди Баликешир во неделата беше почувствуван и во Истанбул, Бурса, Коџаели и околните провинции, објавува турскиот весник „Хуриет“.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликешир, објави ТРТ Хаберлер.
Според жителите, земјотресот бил силен и траел 10-20 секунди.
Се огласи Ердоган
Претседателот Реџеп Таип Ердоган на социјалната мрежа Икс им посака брзо закрепнување на сите погодени граѓани, велејќи:
„Бог нека ја заштити нашата земја од каква било катастрофа“, напиша тој.
Турскиот министер за внатрешни работи исто така се огласи
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, кој го посети погодениот регион, рече дека во земјотресот се повредени вкупно 29 лица, но дека никој не е сериозно повреден.
„Има урнати згради во 16 села, 12 куќи се напуштени“, изјави Јерликаја.
Турскиот министер за здравство, Кемал Мемишоглу, изјави дека вкупно 52 лица се јавиле во турските болници во врска со земјотресот, а 29 се задржани на лекување.
„Се молам за Божја милост за нашиот починат граѓанин и изразувам сочувство до неговото семејство. Им посакувам брзо закрепнување на сите наши повредени сограѓани“, рече Мемисоглу.
Се урнале неколку згради и објекти
Според првите извештаи за земјотресот со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала што ја погоди, се урнале неколку станбени згради во округот Синдириги во Баликешир, пренесоа турските медиуми.
„Има повеќе од десет области каде што се урнаа згради. Зградата во центарот на градот, во која беа сместени шест лица, се урна. Спасивме четири лица, а во тек се спасувачки операции за уште две лица. Исто така, има урнати згради во околните села“, соопшти градоначалникот на Синдириги, Серкан Сак, додавајќи дека екипите за спасување и процена на штетите се на терен, јавуваат турските медиуми.
Утрово нови земјотреси
Турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD) утрово објави дека се случил втор потрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала во округот Синдирги во провинцијата Баликешир, на длабочина од приближно седум километри.
Главната команда на жандармеријата објави на социјалните мрежи дека, по земјотресот со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала што се случи вчера во округот Синдирги во Баликешир околу 19:53 часот, тимовите за јавна безбедност на жандармеријата започнаа со процена на штетите и скенирање на теренот во регионот.
Активирани хеликоптери и спасувачки екипи
Како што е наведено на нивниот официјален Инстаграм профил, Генералната команда на жандармеријата распореди единици за поддршка на напорите за пребарување и спасување и процена на штетите во зоната на земјотресот:
2 хеликоптери за општа намена S-70
1 жандармерска чета за специјални операции
2 чети на жандармерската команда за јавна безбедност
4 жандармерски екипи за пребарување и спасување.
Покрај тоа, во регионот е распоредено и беспилотно летало на жандармеријата (JİHA), кое обезбеди пренос на слики од зоната на земјотресот до надлежните единици.
Предупредување за граѓаните
Властите ги предупредија граѓаните да не влегуваат во оштетените згради и да ги следат официјалните соопштенија.
Затворени летни училишта, луѓето не работат
По силниот земјотрес во округот Синдирги, канцеларијата на гувернерот соопшти дека летните училишта низ целата покраина се затворени на еден ден, а бремените жени и лицата со попреченост кои работат во јавни институции и организации ќе бидат на административно отсуство.