Матурантите кои не ја положија државната матура во јуни денеска го полагаат првиот задолжителен екстерен испит по мајчин јазик и литература. Вториот изборен екстерен испит е закажан за 14 август.
Денеска, испитот по мајчин јазик ќе го полагаат 352 ученици на македонски јазик, 225 на албански и девет на турски јазик. На испитот за 14 август се пријавени 779 ученици за англиски јазик, еден за француски, двајца за германски, 27 за математика и еден за естетика.
Од вкупниот број пријавени, 265 се од гимназиско образование, 835 од стручни средни училишта, а 18 матуранти се од средно уметничко образование.
Просечната оценка од јунската сесија на двата екстерни испити е 3,69, што е повисоко од минатогодишните 3,26. Најголем успех е забележан кај мајчините јазици и математика, каде средната оценка изнесува 4,14.