Тројца поштари, носејќи писма со желби за Дедо Мраз, со велосипед тргнале од германскиот град Санкт Николаус на патување долго 3.000 километри за да стигнат до градот Рованиеми во Финска, каде што се наоѓа селото именувано по Дедо Мраз.
Поштарите подраниле за да стасаат на време, а на церемонијата по повод нивното поаѓање присуствуваше и Санкт Николаус лично, облечен во долг виолетов плашт, кој им ги предаде писмата на тројцата свои помошници, објави АП.
Нивното патување до Финска ќе трае околу две недели, а поштарите ќе возат низ Германија, Данска и Шведска.
Тројцата поштари се членови на група волонтери од германската пошта кои одговараат на писма со желби на деца од целиот свет.
Секоја година, тие добиваат над 30.000 вакви писма адресирани до поштата во градот Санкт Николаус.
Оваа традиција датира од 1967 година, а на секој одговор има посебен печат.
Градот Санкт Николаус е едно од седумте места во Германија што го носат името поврзано со Дедо Мраз, а сите овие места добиваат писма од деца адресирани до него, пренесе АП.