[ВИДЕО/ФОТО] Поплавите во Тексас откриле отпечатоци од диносауруси стари околу 115 милиони години

Точка

11/08/2025

14:12

634

Големина на фонт

а а а

Разорните поплави што на почетокот на јули го погодија регионот Тексас Хил Кантри и усмртија најмалку 135 луѓе, доведоа до откритие од далечното минато во округот Травис, пишува „CNN“. Доброволец кој им помагал на жителите да го отстранат надојдениот материјал пронашол 15 големи отпечатоци од стапала на диносауруси со три прста, распоредени во модел на крст долж потокот Сенди Крик.

„Отпечатоците од стапалата на диносаурусите припаѓаат на месојади слични на „Acrocanthosaurus“, двоножен граблив предатор долг околу 11 метри“, рече Метју Браун, палеонтолог од Музејот за историја на Земјата при Џексоновата школа за гео-науки на Универзитетот во Тексас во Остин. Отпечатоците се стари приближно меѓу 110 и 115 милиони години, а секој е долг околу 46 до 51 сантиметар, наведе Браун.

И други неодамна откриени локации би можеле да содржат отпечатоци

„Водените текови како Сенди Крик ги пресекуваат варовниците на формацијата Глен Роуз, слој од карпи што содржи отпечатоци и е стар околу 110 милиони години“, рече Браун. „Затоа знаеме колку се стари отпечатоците од стапалата на диносаурусите – зачувани се во карпи од таа возраст.“

Браун ја посетил локацијата со отпечатоците за да им даде препораки на државните службеници во врска со санацијата во близина и дознал за други неодамна откриени места што би можеле да содржат отпечатоци од диносауруси. „Разговараме и со компанија за надзор на животната средина за чувствителните локации и за што треба да се внимава.

Накратко, важно е да не се поминува преку тие патеки со тешки возила за да се спречи оштетување на отпечатоците. Тоа се информациите што ги даваме, се трудиме доверливо да ги идентификуваме отпечатоците и потоа околу нив да поставиме граници за да имаат екипите за расчистување јасни упатства додека работат на тоа подрачје.“


Подрачје склоно кон поплави

Фотографиите на жителот од Тексас, Карл Стовер, покажуваат дека отпечатоците се малку поголеми од неговите стапала во патики и цврсто втиснати во белата каменита подлога. Таа подлога, заедно со надојдените реки и потоци во централниот дел на Тексас, го прави центарот на подрачјето Флеш Флод Ели склоно на поплави.

Додека поголемиот дел од штетата и смртните случаи предизвикани од јулските поплави се забележани во округот Кер, во округот Тревис, кој го опфаќа градот Остин и неговите предградија, загинале десет лица, а делови исто така биле поплавени.

„Водата однела сè што ѝ се нашло на патот“ Судијата на округот Тревис, Енди Браун, рече дека Сенди Крик инаку е многу сув, но за време на минатомесечните поплави водата се искачила на околу шест метри. „Однела дрвја. Однела автомобили, куќи, сè што ѝ се нашло на патот“, рече Браун. „На делот со отпечатоците од диносаурусите се срушиле дрвја околу нив и однеле земја и чакал што ги прекривале другите отпечатоци.“

Стовер ги снимил отпечатоците долж коритото на потокот со камера. „Целото ова подрачје било поплавено за Денот на независноста, 4 јули. Не знам дали се гледа, но овде стоела куќа што ја однела водата“, рече тој снимајќи купишта надојдени работи меѓу дрвјата. „Уште една била малку пониско. И куќата на мојот друг сосед исчезнала.“


„Само замислувањето на она што некогаш талкало по ова подрачје е фасцинантно“

Енди Браун рече дека отпечатоците од стапалата на диносаурусите се возбудлива глетка, дури и додека округот Тревис е среде закрепнување од катастрофата. „Имаме многу отпечатоци од диносауруси низ Тексас. Само замислувањето на она што некогаш талкало по ова подрачје е фасцинантно“, додаде тој.

Округот Тревис се наоѓа на нешто помалку од 320 километри јужно од државниот парк „Dinosaur Valley“, кој изобилува со отпечатоци од „sauropoda“ и „teropoda“ кои живееле таму пред околу 113 милиони години.

Метју Браун рече дека тој и неговиот тим планираат наскоро да се вратат во Тревис за детално да ги документираат отпечатоците со карти и 3Д снимање. Се надева дека ќе дознае дали ги оставила група или само еден диносаурус кој талкал по регионот Тексас Хил Кантри.