Шон и Кери Тулије го купиле својот дом во местото Тортевал, на островот Гернзи, пред четири години, а поранешниот станар им рекол дека под куќата можеби има објект од воениот период.
Откако почнале да копаат под патеката, успеале да гооткопаат бункерот и сега планираат да го претворат во просторија за забава и теретана, но ќе ги задржат оригиналните елементи.
Бункерот датира од периодот кога силите на Хитлер ги окупирале Каналските Острови од 1940 до 1945 година.
Во разговор за Би-би-си, Тулије рекол дека тој и неговата сопруга биле информирани дека на тоа место има германско утврдување со артилерија, но се сомневале дека има нешто поголемо.
„Однадвор, можеше да се претпостави дека куќата стои на нешто. И онака ја реновиравме куќата, па изнајмив багер и со помош на пријател, почнавме да копаме на влезот за да видиме што има таму. Копавме некое време, а потоа земјата едноставно се урна и се појави овој влез“, рече Шон.
Бункерот се состои од две главни простории со димензии 5,2 на 3 метри и 5,2 на 6 метри, и има оригинални елементи како што се излезен отвор и под со плочки.
На ѕидовите има и натписи на германски јазик, вклучувајќи ја и фразата „Achtung, Feind hört mit“, што значи „Внимавај, непријателот прислушкува“. Пронајдени се и десетици лименки и други остатоци од тој период.
Се верува дека влезот во бункерот бил соѕидан во шеесеттите години од минатиот век.
Цврста конструкција
Тулије рече е импресиониран од цврстината на самата градба и додаде дека откривањето на бункерот предизвикало голем интерес: „Тоа веќе не е само соба за игра – луѓето доаѓаат и бараат да видат историја.“
„Знам дека тоа беше тешко време за Гернзи за време на нацистичката окупација, но историјата ме фасцинира и мислам дека треба да ја зачуваме за да се сетиме на она што се случило“, додаде Шон.
Тој изјави дека структурата е претежно во добра состојба, но дека било потребно да се испумпа водата што се собрала внатре низ децениите.
Во јуни 1940 година, Сер Винстон Черчил наредил повлекување на британските трупи од Каналските Острови, оставајќи 94.000 жители сами да се снаоѓаат.
Околу 25.000 од нив решиле да се евакуираат, додека останатите жители останале на небранетите острови. Веќе на 30 јуни, еден месец по британската евакуација од Денкерк, германските сили ја презеле контролата.
Окупацијата траела до 9 мај 1945 година, кога Гернзи и Џерси биле ослободени.