Замор, болки во зглобовите, осипи или трнење во рацете и нозете може да изгледаат како минливи тегоби. Но, во некои случаи, токму овие симптоми укажуваат на подлабок проблем – автоимуна или воспалителна болест. Ревматолозите, лекари специјализирани за дијагностицирање и лекување на такви состојби, се клучни за навремено препознавање на болести како ревматоиден артритис, лупус или Сјогренов синдром, пишува „Eating Well“.
Здравствените експерти издвоија шест здравствени симптоми што не треба да ги игнорираме, бидејќи може да укажуваат дека треба да побараме помош од ревматолог.
Долготрајна болка и оток во зглобовите
Болката што трае со недели, се шири низ телото и не е резултат на повреда, може да биде знак за сериозна болест. „Утринската вкочанетост што трае подолго од еден час често е првиот аларм“, истакнува д-р Кара Вада. Ваквите симптоми можат да укажуваат на ревматоиден или псоријатичен артритис. Ревматологот може да направи разлика помеѓу автоимуните болести и дегенеративните состојби и да спречи трајно оштетување на зглобовите.
Сува уста и суви очи
Постојаната сувост во устата, особено ако се јавува заедно со суви очи или болки во зглобовите, може да укажува на Сјогренов синдром – автоимуна болест што ги зафаќа жлездите одговорни за навлажнување. „Кога ги забележувам овие симптоми кај жени на средна возраст, често ги упатувам кај ревматолог“, вели стоматологот д-р Сандип Сачара. Според д-р Вада, оваа болест зафаќа приближно едно од сто лица, од кои 90 отсто се жени.
Исцрпеност што не поминува ни по одмор
Ако постојано се чувствувате исцрпено и одморот не помага, можно е вашето тело да води внатрешна битка. „Хроничниот замор што се јавува заедно со покачена температура, осипи или чувство на ’мозочна магла‘ може да биде показател дека имунолошкиот систем не функционира правилно“, предупредува д-р Вада. Ваквите симптоми често ги придружуваат болестите како лупус или фибромијалгија.
Необјаснети осипи или промени на кожата
Кожата често е одраз на внатрешното здравје. Осипите што не се повлекуваат, особено на лицето, рацете или скалпот, можат да укажуваат на болести како лупус (карактеристичен осип во форма на пеперутка на лицето) или псоријатичен артритис. Ако осипите се придружени со болки во зглобовите или умор, потребни се дополнителни испитувања.
Трнење и вкочанетост во екстремитетите
Чувството на иглички, пецкање или вкочанетост во рацете и нозете може да биде последица на воспаление што притиска на нервите. „Кај некои автоимуни болести доаѓа до оштетување на нервите или крвните садови, што може да ги предизвика овие симптоми“, објаснуваат експертите. Раната интервенција на ревматолог може да спречи понатамошно влошување и да помогне во зачувувањето на функцијата на нервниот систем.
Повторувачки температури без очигледна причина
Ниските температури што често се враќаат, без присуство на инфекција, можат да бидат знак за прекумерна активност на имунолошкиот систем. Болести како васкулитис или системски лупус често предизвикуваат вакви симптоми. Ревматологот може да направи детална проценка и да открие што всушност се случува во телото.