Будењето со пулсирачка главоболка која се смирува само по неколку часа не е реткост.
Причините можат да бидат стрес, дехидратација или недостаток на сон, но како што предупреди д-р Санџај Манчанда, раководител на Одделот за медицина на спиење во болницата „Сер Ганга Рам“ во Њу Делхи, проблемот често е самата положба на телото во текот на ноќта.
„Кај некои луѓе, главоболките можат да бидат последица на апнеја при спиење, нарушување на дишењето за време на спиењето, при што има прекин на дишењето и намален проток на кислород“ објаснил д-р Манчанда. Потоа лицето се буди изморено, со притисок во главата и чувство на исцрпеност.
Зошто е најлошо за ’рбетот?
Ако спиете на стомак, главата мора да ја свртите на едната страна за да можете да дишете. Таквата положба создава неприроден агол во вратот, го поместува ’рбетот и ги напрега мускулите, што на крајот доведува до болка во вратот, рамената и главата. Според лекарот, неправилното порамнување на телото го ограничува и протокот на крв, па затоа се јавува чувство на затегнатост и притисок во задниот дел од главата.
Кога синусите стануваат проблем
Одредени пози можат да ги влошат и синусните главоболки. Кога спиете целосно рамно, синусите потешко се празнат, особено кај оние кои веќе имаат затнат нос. Ова создава дополнителен притисок во челото и слепоочниците.
Совети за мирен ноќен сон
Најдобро спиете кога вашето тело е во природна, опуштена положба, а вратот и ’рбетот се во иста линија. Идеалната собна температура е помеѓу 18 и 21 степен, а умерената влажност спречува исушување на слузокожата и мускулна напнатост. Избегнувајте големи оброци, алкохол и светлина од екраните пред спиење, бидејќи сето ова го нарушува ритамот на спиење и влијае на вашето утринско будење.

„Условите во просторијата исто така не се занемарливи. Превисоката или прениската температура и сувиот воздух го нарушуваат сонот, ги напнуваат мускулите и ја исушуваат слузокожата, што го зголемува ризикот од синусна болка“ предупредил лекарот.
Како да се спречи болката?
Ако не можете веднаш да ја промените навиката, користете тенка перница или целосно елиминирајте ја за да ја намалите напнатоста во вратот, советува д-р Манчанда. Оптималната температура и доволната влажност во просторијата му помагаат на телото да се опушти и да се одмори.

„Спиењето на стомак може да изгледа удобно, но на долг рок тоа врши оптоварување на вратот, рамената и главата. Малите промени во положбата и навиките можат да спречат главоболки и да обезбедат помирен сон“, истакнал докторот.
















