Што кријат телохранителите на Путин? Моќно оружје го чува претседателот на Русија во родниот Санкт Петербург

Точка

29/07/2025

22:14

3.034

Големина на фонт

а а а

За време на неодамнешната посета на родниот Санкт Петербург, телохранителите на рускиот претседател Владимир Путин биле снимени со нов „FPV“ дрон специјално дизајниран за борба против непријателски беспилотни летала, пишува „Defence Blog“.

Дронот, што го носел еден од членовите на обезбедувањето на Путин, привлече внимание поради неговата невообичаена големина и специфична конфигурација.

Според очевидци, еден од телохранителите што го придружувале Путин носел дрон многу блиску до претседателот. Иако се обидел да го скрие од очите на јавноста, големата конструкција и препознатливиот X облик на дронот тешко можеле да се прикријат.

Се верува дека станува збор за „FPV“ дрон-пресретнувач, со вкрстено распоредени четири мотори и двоен систем за наведување. Неговата опрема вклучува термовизиска камера и телевизиски систем за следење на цели, што му овозможува да дејствува во услови на намалена видливост, вклучително при лоши временски услови и ноќе.

Системот првично се управува рачно, но откако ќе ја идентификува целта, преминува на автономен лет. Операторот го активира дронот, го насочува кон целта и чека потврда за „заклучување“. Потоа, дронот автоматски ја следи и неутрализира целта.

Интересно е што системот не користи стандардни радиофреквенции, туку посебно доделен канал за команди и телеметрија, што го отежнува откривањето на операторот од непријателските системи за електронско војување.

Дронот се нашол во близина на Путин во момент кога рускиот врв изразува загриженост поради сè почестите напади со дронови на руска територија. Украина повеќе пати користеше „FPV“ дронови за тактички удари длабоко во Русија, вклучително и напади врз инфраструктура и воени цели. Преносливиот систем во рацете на обезбедувањето на претседателот би можел да означува преминување кон побрзи и помобилни методи за заштита.