[ВИДЕО] Силен земјотрес од 8,8 степени во Русија предизвика цунами, Јапонија и Хаваи наредија евакуација

Макфакс

30/07/2025

08:20

4.483

Големина на фонт

а а а

Силен земјотрес со интензитет од 8,8 степени што го погоди рускиот Далечен Исток предизвика цунами, а Јапонија и Хаваи наредија евакуација.

Земјотрес со интензитет од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погоди градот Петропавловск на Камчатка, а според првичните извештаи, има повредени, објавија руските медиуми. Првиот бран цунами ги погоди Курилските острови, а цунами високo 3-4 метри го погоди полуостровот Камчатка.

Гувернерот на регионот Сахалин, Валери Лимаренко, изјави дека жителите се евакуирани на повисоки места додека заканата од нови бранови целосно не помине.

Предупредувања за цунами и евакуација беа издадени и за Јапонија, Хаваи, Западниот брег на САД и други земји од Пацификот, објави АП.

Американскиот систем за предупредување од цунами, исто така, издаде предупредување за „опасен бран цунами“ за следните три часа. Бранови високи над три метри се можни по должината на некои брегови на Русија и Еквадор, додека бранови високи од 1-3 метри се можни во Јапонија, Хаваи, Чиле и Соломонските Острови, се вели во соопштението.

Тлото не се смирува, а по земјотресот се регистрирани и последователни потреси во истата област.

Бранови цунами во Јапонија по силниот потрес во Русија, наредена евакуација на 2 милиони луѓе

Силен земјотрес со магнитуда од 8,8 степени го погоди полуостровот Камчатка на далечниот исток на Русија, предизвикувајќи цунами високо до четири метри, оштетувајќи згради и активирајќи тревоги и евакуации низ Тихиот Океан.

Неколку лица се повредени во тој оддалечен руски регион, а на населението на поголемиот дел од источниот брег на Јапонија, кое силно страдаше во катастрофалниот земјотрес и цунамито од 2011 година, му беше наредено да се евакуира.

„Денешниот земјотрес беше сериозен и најсилен во последните десет години“, објави гувернерот на Камчатка на Телеграм.

Регионалниот министер за вонредни ситуации Сергеј Лебедев објави дека по земјотресот е регистрирано цунами од 3 до 4 метри. „Сите мора да се оддалечат од брегот“, рече Лебедев во видео на социјалните мрежи.

Американскиот сеизмолошки институт објави дека земјотресот бил на длабочина од 19,3 км, околу 125 км од Петропавловск, град со 165.000 жители на брегот на заливот Авача.

Наредби за евакуација низ цела Јапонија

Властите во Јапонија апелираа до повеќе од 1,9 милиони луѓе да се евакуираат на безбедно место откако цунами брановите почнаа да го погодуваат брегот на земјата. Иако брановите се значително помали од првично предвидените, низ целата земја беа регистрирани прекини во сообраќајот.

Јапонската агенција за управување со пожари и катастрофи издаде наредби за евакуација за вкупно 1.905.596 жители во 21 префектура. Најголем број луѓе беа евакуирани во префектурите Хокаидо, Канагава и Вакајама.

Првите бранови го погодија најсеверниот остров во Јапонија, Хокаидо, каде што снимките покажаа жители кои бараат засолниште на покривите на зградите. Во среда наутро, сирените за предупредување за цунами се огласија во делови од островот.

Помали бранови од очекуваните

Според податоците на Јапонската метеоролошка агенција, бранови со висина од 30 до 50 сантиметри се регистрирани по должината на источниот брег, кои се приближувале кон пошироката област на Токио. Ова е значително пониско од првичните прогнози, кои предвидуваа бранови високи до три метри, но агенцијата предупредува дека ситуацијата може да се промени и дека може да следат дополнителни бранови.

Поради опасноста, имаше и прекин во сообраќајот. Меѓународниот аеродром Сендај, кој се наоѓа на брегот на Пацификот северно од Токио, ја затвори својата писта. Услугите со ферибот од Хокаидо, Аомори и Токискиот Залив се исто така прекинати.

Нуклеарната централа Фукушима, која се наоѓа јужно од Сендај и беше тешко оштетена во земјотресот и цунамито во 2011 година, соопшти дека нема пријавени проблеми. Компанијата за електрична енергија во Токио (TEPCO), која управува со централата, објави дека целиот персонал е евакуиран на повисоки места и дека нема повредени или какви било неправилности во работењето на централата.