Водата нема сериозно да поскапи ако конечната цена ја одредува Регулаторната, уверува Бислимоски

Макфакс

30/07/2025

13:03

867

Големина на фонт

а а а

Сегашниот сложен процес за одредување на цената на водата ќе се смени и одлуката за конечната цена на водата ќе ја носи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Водоводните претпријатија се согласни на оваа измена и заедно со Регулаторната комисија подготвуваат измена на законските решенија.

„Сега има еден посложен процес за определување на цените на водните услуги. РКЕ носи една одлука со која се определува минимална и максимална цена за секоја соодветна услуга која што ја даваат водоводните претпријатија и понатака врз основа на нашата одлука Управниот одбор на претпријатието во рамките на овој опсег од минимум и максимум носи одлука за цена која што потоа се доставува на одобрување во советот на соодветната општина. Очигледно е дека тоа е еден посложен процес бидејќи има политички влијанија и не секогаш се носат одлуки кои се во интерес на водоводните претпријатија, но и во интерес на потрошувачите. Ние во изминатиот период во соработка со водовоните претпријатија во државата кои што имаат свое здружение, ‘АДКОМ’ се усогласивме и работиме на доставување на заеднички предлог – измени и дополнувања на најверојатно два закона со кои што ќе се овозможи РКЕ да ја определува крајната цена за секоја водна услуга“, рече претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.

РКЕ ќе ја носи одлуката за крајната цена на водата на ист начин како што тоа го прави за струјата, за парното и за природниот гас. Со планираните измени, одлуката на за цената на водата од РКЕ ќе биде задолжителна за комуналните претпријатија.


Бислимоски очекува со измените претпријатијата да ги намалат трошоците, а да ги зголемат инвестициите во мрежата кои пак ќе придонесат за намалување на загубите на вода.

„Имајќи предвид дека сите наши методологии се поттикнувачки и даваат сигнал до претпријатијата, без разлика од која дејност се, да ги намалуваат своите трошоци, веруваме дека ќе обезбедиме повеќе инвестиции во водоводната инфраструктура во државата. Сега имаме една исклучително лоша ситуација во државата. На државно ниво загубите на вода ни се 64%. Веруваме дека со овој нов концепт ќе се придонесе за инвестиции во оваа инфраструктура која е стара 50, 60 , некаде и 70 години. Со тоа ќе се овозможи намалување на загубите кои ги има на вода, но исто така ќе се намали и процентот на ненаплатена вода. На тој начин, а тоа е во интерес и на потрошувачите, ќе имаат стабилно и сигурно снабдување со вода, но заради намалување на загубите, тоа нема да има драстично односно нема да има никакви сериозни зголемувања на цените за водните услуги бидејќи ќе се зголеми процентот на неоприходувана вода, тоа е нешто што досега го немаат како приход овие претпријатија и ќе се намалат загубите на вода. Значи трошокот за загуби ако се намали тоа значи дека тие пари може да се користат понатака за нови инвестиции без да има никакви сериозни промени на цените за водните услуги“, рече Бислимоски.

Во Скопје, изминативе години загубите на вода достигнаа и 40 отсто.