ДУИ: Владата веднаш да ја укине антиуставната и незаконска одлука што ги дискриминира општините и ја исклучува дијаспората

Макфакс

28/07/2025

13:56

165

Големина на фонт

а а а

Демократската унија за интеграција изразува загриженост и револт поради како што истакнуваат, дискриминаторската одлука на Владата за намалување на бројот на советници, со што директно се оштетуваат општините во кои значителен дел од населението се Албанци.

Од партијата на Ахмети додаваат дека уште во првата недела од својот мандат, оваа Влада презела незаконска и неуставна акција, еднострано менувајќи ја методологијата за пресметка на процентот на населението преку исклучување на „нерезиденти“, што во пракса значи исклучување на дијаспората.

„Како резултат на тоа, процентот на Албанците во државата беше вештачки намален од 29,5%, според пописот од 2021 година, на 24,3% – процент што е дури и понизок од оној од пописот во 2002 година, кога Албанците сочинуваа 25,17% од населението.

Оваа намерна статистичка манипулација веднаш беше искористена во формулата на балансерот, со што Албанците беа намалени за 5,2%, а потоа и за деформирање на нивното претставување во повеќе од 20 општини преку намалување на бројот на советници во овие единици на локалната самоуправа. Оваа одлука претставува директно кршење на член 34 од Законот за локална самоуправа, каде јасно стои дека бројот на советници се определува врз основа на бројот на жители, а не врз основа на нивниот резидентен статус“.

Спорната одлука, велат од ДУИ, е спротивна и на Уставот на државата, како и на основните принципи на еднакво претставување и право на учество. „Поради тоа, ние инициравме постапка за оценка на уставноста, по што Уставниот суд донесе одлука во наша полза, констатирајќи дека институциите не смеат да ги игнорираат нерезидентните граѓани, бидејќи тоа е спротивно на духот на еднаквост и инклузивност што го гарантира Уставот.

Сепак, и покрај оваа јасна одлука на Уставниот суд, Владата сè уште нема преземено конкретни чекори за укинување на дискриминаторската одлука и за враќање на легитимното право на општините за пропорционално претставување. Обидите за вметнување на оваа дискриминација и во Законот за локална самоуправа пропаднаа поради отсуство на двојното мнозинство (Бадинтер), но политичката волја за наметнување на оваа неправда останува очигледна“.

ДУИ бара Владата веднаш да ја укине антиуставната и незаконската одлука, да го врати бројот на советници согласно реалните податоци од пописот и во согласност со одлуката на Уставниот суд и законот.

Сега е моментот, додаваат од оваа партија, кога може да се дејствува за да се спречат сериозни последици врз легитимноста на претстојните локални избори.

Според ДУИ, доколку Владата не ја коригира оваа неправда, тогаш одговорноста ќе падне врз сите оние кои, со своето молчење или соработка, го легитимираат институционалната дискриминација против граѓаните и исклучувањето на дијаспората од јавниот живот.

„Во спротивно, ние како политички субјект ќе бидеме принудени да ги искористиме сите правни и институционални средства за поништување на оваа одлука и за заштита на легитимните права на општините и на нашите граѓани“.