Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денес изјави дека претседателот Доналд Трамп сака целосна транспарентност во случајот со Џефри Епштајн.
Тој додаде дека поранешните претседатели Џо Бајден, Барак Обама и Џорџ В. Буш „го прикриле овој случај“.
„Претседателот (Трамп) му наложи на државниот обвинител да ги објави сите веродостојни информации и, искрено, да пронајде дополнителни веродостојни информации поврзани со случајот Џефри Епштајн. Тој е неверојатно транспарентен во врска со овие работи, но дел од тоа бара време“, изјави Венс при обраќање во Кантон, Охајо, пренесува „Си-ен-ен“.
Венс додаде дека „постојано“ е во контакт со државната обвинителка Пем Бонди, која во моментов, како што рече, „вредно работи на ова прашање“.
Тој посочи дека администрациите на Обама и Буш биле „млаки“ во однос на Епштајн, кого го нарече посрамен финансиски магнат и „педофилски олош“.
„Ниту целосно го истражија случајот, ниту покажаа некакво вистинско интересирање за него, а сега Доналд Трамп бара од своето Министерство за правда да покаже целосна транспарентност – и некако тоа станува критика за Трамп, наместо за Обама и Буш“, рече Венс.
Во времето на администрацијата на Буш, американскиот обвинител Алекс Акоста – кој подоцна служеше и во првата администрација на Трамп како министер за труд – одби да го гони Епштајн, што му овозможи да избегне федерални обвиненија.