Во сицилијанското место Катенануова жителите се борат со недостатокот на вода, високите сметки и заминување на младите, додека пак екстремните климатски промени се закануваат овој регион да го претворат во заборавена пустинска зона во Европа.
Во срцето на источна Сицилија, меѓу градовите Ена и Катанија, лежи Катенануова, малото место со помалку од 5.000 жители кое редовно бележи највисоки летни температури во Европа.
Ова гратче во 1999 година било во фокус на јавноста кога биле измерени дури 48,5 степени Целзиусови. Иако тој рекорд не бил официјално признат поради недостатокот на метеоролошка станица, Катенаунова останува симбол на климатски екстрем.
Официјалниот екстремен температурен рекорд го држи сицилијанскиот град Флоридија каде во 2021 година биле измерени 48,8 степени Целзиусови, но топлотниот удар во Катенануова не престанува, во последниве денови температурата редовно надминува 40 степени Целзиусови, а неодамна достигнала и 45 степени Целзиусови.
Жештината не се повлекува ниту во текот на вечерите, па и тогаш термометарот знае да покаже над 38 степени Целзиусови.
Живот под жешкото сонце: Навика или потреба?
Жителите на ова подрачје со текот на времето се приспособиле, го избегнуваат сонцето во текот на денот, активностите ги извршуваат навечер и се освежуваат во шумите кои се наоѓаат во близина.
„Навикнати сме на овие температури“, вели градоначалникот Антонио Импеличиери.
Тој додава дека секако, животот е поскап и потежок сега.
Еден од најголемите проблеми претставува недостатокот на вода, дотокот од оддалечените брани доаѓа секој втор ден, мрежите често „пукаат“, а цената на водата е меѓу најскапите во Италија. И сметките за струја поради клима-уредите достигнуваат и до 900 евра месечно, дури и со државните субвенции.
Младите си заминуваат, местото се празни
Во недостаток на работа и поради сѐ потешките услови за живот, младите го напуштаат градот. Катенаунова, како и многу други делови од внатрешноста на Сицилија, се соочува со депопулација и економска стагнација.
Проблемот го влошуваат и климатските промени и неповолните јавни услуги.
Сицилија на климатска пресвртница
Високите температури не се локализирани само во Катенануова. Слични услови има и на други места ширум Сицилија.
Цивилната заштита издала црвен метеоаларм поради опасности од пожари. Додека југот трпи екстремни жештини, северот на Италија истовремено се бори со невремиња и град, а сликата на климатските екстреми станува сѐ поочигледна.
„Се трудиме да опстанеме, но сами не можеме“, порачал градоначалникот повикувајќи ги институциите да не дозволат овој крај да стане заборавена пустина на Европа.