[ВИДЕО] Неочекуваната улога на презервативите во светските војни: Каква врска имаат кондомите со преживувањето и победата во војните?

Точка

04/03/2026

22:00

473

Големина на фонт

а а а

Повторно (веројатно по 150-ти пат во последнав година) сè почесто на социјалните мрежи се споменува Третата светска војна и се нагаѓа како да се подготвиме во случај на најцрни сценарија.

Меѓу најбараните предмети во тие сценарија се најдоа и кондомите, а историчарите (верувале или не) предупредуваат на нивната клучна улога која го надминува спречувањето на бременост и сексуално преносливи болести, пишува „Tyla“.

Иако нивната примарна намена е заштита од бременост и сексуално преносливи болести, историјата, особено периодите на меѓународни конфликти, покажува дека кондомите имале и бројни други, многу практични примени надвор од спалната соба.


Историска употреба во војни

За време на Втората светска војна, норвешките војници наводно им делеле на нацистичките трупи кондоми премачкани со прашок што предизвикува чешање. Со тоа сакале да ги убедат дека се заразиле со сексуално пренослива болест.

Оваа тактика се покажала како многу ефикасна за внесување немир меѓу непријателските војници, а наводно дури предизвикала и одложувања на испловувањето на германските подморници додека војниците барале лекување за своите мистериозни симптоми.



Кондомите биле користени и за психолошко војување за време на Виетнамската војна. Американската војска, како што се наведува, нарачала изработка на кондоми долги 30 сантиметри, кои потоа биле разфрлани низ градот Хо Ши Мин со цел да се заплашат виетнамските трупи и кај нив да се предизвика чувство на инфериорност.


За што уште можат да се користат?

Освен за контрацепција, кондомите имаат широк спектар на практични намени. Поради нивната водоотпорност, можат да послужат како повеќенаменски садови. Во случај на поплави или контаминација на почвата по бомбардирање, во нив може да се заштитат свежи производи.

На ист начин можат да послужат и за чување резерви на питка вода во засолништа. Можат да заштитат и витална опрема како лекови, технологија, комуникациски уреди, па дури и оружје од влага и нечистотија. Исто така можат да зачуваат потрошни материјали како кибрити и материјали за потпалување оган.

Слични техники биле користени и во двете светски војни, кога војниците ставале кондоми преку цевките на пушките за да спречат тие да се затнат со кал.


Бидејќи се стерилни, кондомите можат да послужат и како замена за хируршки ракавици со цел да се спречи ширење инфекции. Нелубрицираните кондоми можат да се искористат и како импровизирани подвези за прицврстување завои на рани, одржувајќи ги чисти и суви.

Конечно, во најлошите сценарија, како целосен колапс на општеството, кондомите би можеле да станат и средство за размена за други, повредни предмети (ако одиме толку далеку во сценаријата...).