Мартин Мане: Balfin Americas, ново поглавје во глобалното патување на BALFIN Group

Точка

27/11/2025

17:47

453

Големина на фонт

а а а

Во ексклузивното интервју со Мартин Мане, извршен директор на Balfin Americas и потпретседател на BALFIN Group за Северна Америка, ги истражуваме првите чекори на компанијата, нејзината амбиција да ја зајакне својата позиција на американскиот пазар за недвижности и нејзината долгорочна визија за проширување во други индустрии, со посебен фокус на технологијата и науката.

Balfin Americas е релативно нов играч на американскиот пазар за недвижности, откако го прошири присуството на BALFIN Group во САД од 2023 година. Во моментов, компанијата има четири инвестиции, од кои три се развојни станбени проекти, а една се однесува на аквизиција на премиум деловна зграда. Во текот на двегодишното патување, исполнето со предизвици и можности, компанијата покажа вистински потенцијал.

Мартин Мане, со академска позадина од некои од најпрестижните светски институции и богато искуство во менаџмент и финансии, ѝ носи глобална перспектива во Balfin Americas. Овој пристап е видлив во секој проект, од мултифамилијарни развојни проекти во Њујорк до стратешки комерцијални аквизиции во Њу Џерси. Наместо да се обесхрабри од сложеноста на овие пазари, тој ги гледа како живи и динамични средини што поттикнуваат иновации и бизнис раст.

Гледајќи напред, Мартин нагласува дека Balfin Americas нема да се ограничи само на недвижности. Компанијата веќе истражува различни можности во стартапи, особено во областите на вештачката интелигенција и биотехнологија. Ој истакнува дека овој диверзифициран пристап не само што ќе ја подигне компанијата на повисоко ниво, туку ќе ѝ овозможи и проширување во нови градови низ САД, дополнително зајакнувајќи ја нејзината позиција на амбициозна компанија ориентирана кон иднината.

Здраво Мартин. Можете ли да ни дадете краток преглед на Balfin Americas, нејзината улога во рамките на BALFIN Group, како и за патот што Ве доведе до сегашната позиција?

Balfin Americas претставува ново, возбудливо поглавје во амбицијата на BALFIN Group да стане мултинационална корпорација. До 2023 година, Групацијата беше присутна во девет европски земји, така што проширувањето во Северна Америка беше природно следен чекор. По повеќе од една година истражување на пазарот, го препознав потенцијалот на САД и го формиравме нашето регионално седиште во Њујорк. Започнавме со изградба од темел на мултифамилијарни станбени проекти во Њујорк и наскоро потоа ја проширивме дејноста и со комерцијални аквизиции со додадена вредност во Њу Џерси. Она што започна како инвестициска канцеларија прерасна во платформа за долгорочна експанзија на еден од најдинамичните пазари во светот. Лично, ова беше предизвикувачко, но и наградувачко патување кое бараше преземање пресметани ризици, брза адаптација и градење талентиран тим способен да ја реализира нашата визија. Заедно поставуваме цврсти темели за Balfin Americas да успее и да ја прошири својата улога во глобалното портфолио на Групацијата.

Со зголемено присуство на силно конкурентниот американски пазар од 2023 година, како ја позиционирате компанијата за да се издвојува од конкуренцијата и кои беа почетните предизвици и успеси?

Влезот на американскиот пазар донесе значителни предизвици, особено при градењето на структура и тим од нула. Регулативите, процесите и целокупното темпо на бизнисот овде значително се разликуваат од Европа. Клучот беше да се усогласиме со управувањето и корпоративната култура на BALFIN Group, но и да ги приспособиме нашите операции кон американскиот контекст. Нашата посебност лежи во агилноста и подготвеноста да преземеме пресметани ризици. Брзо носиме одлуки и се потпираме на нашето глобално искуство и силна мрежа, што ни овозможува да делуваме побрзо од многу конкуренти. Тоа ни помогна да обезбедиме рани можности и да изградиме кредибилитет. Она што започна како предизвик, сега е една од нашите најголеми предности бидејќи покажавме дека можеме да се адаптираме и да испорачаме резултати во многу конкурентна средина.

Аквизицијата на 340 Mount Kemble во Њу Џерси обележа значаен чекор во вашата комерцијална стратегија на пазарот на недвижности. Можете ли да ни кажете повеќе за овој проект и зошто е тој стратешка инвестиција за Balfin Americas?

Аквизицијата на 340 Mount Kemble е пресвртница за нас бидејќи претставува прва комерцијална инвестиција на BALFIN Group во САД. Досега, нашето портфолио претежно го сочинуваа станбени проекти, а овој проект ја диверзифицира нашата изложеност, усогласувајќи се со позитивните среднорочни и долгорочни перспективи на комерцијалниот пазар. Самиот имот е деловен објект од класа А од 40.000 метри квадратни, со престижни закупци како Morgan Stanley и Marcum. Тоа е т.н. „trophy asset“ кој значително го подигнува нашиот профил на американскиот пазар на недвижности. Оваа инвестиција ја реализиравме во партнерство со First Mile Capital, една од водечките компании за недвижности во Њујорк. Комбинацијата од нивната локална експертиза со нашето искуство во управување со недвижности од проекти како TEG и QTU создаде силна платформа што го отклучи потенцијалот на објектот и креираше вредност за закупците и за околната заедница.


Како партнерството со First Mile Capital влијаеше врз вашата стратегија на американскиот пазар и каква улога имаат стратешките соработки во вашиот поширок инвестициски пристап?

Партнерството со First Mile Capital беше од суштинско значење за нашата експанзија во САД. Нивното длабоко локално знаење ни помогна да загребеме под површината и да го идентификуваме 340 Mount Kemble како совршена влезна точка за нашата прва комерцијална аквизиција. Подеднакво важно е што нивната стратегија фокусирана на закупците совршено се вклопува со нашиот пристап „луѓето прво“, развиван повеќе од три децении преку интернационални операции. Им даваме големо значење на партнерствата изградени врз заедничка визија, стратегија и усогласени стимулации. Таквите партнерства ни овозможуваат да ги минимизираме ризиците, да го искористиме локалното знаење и искуство, а за возврат да го споделиме меѓународното искуство на Групацијата. Без оглед дали во САД или во Европа, стратешките партнерства отсекогаш биле клучни за успехот на BALFIN и тие ќе продолжат да бидат нашиот водечки пристап на нови пазари.

Како Balfin Americas го балансира своето портфолио на недвижности меѓу деловни објекти и станбени инвестиции низ САД и во кои сектори гледате најдобри можности?

Во моментов, нашето портфолио е повеќе насочено кон деловни недвижности, кои имаат силен потенцијал на среден рок. Но, на станбените објекти гледаме како клучни поттикнувачи на растот на долг рок. Нашата цел е со текот на времето да постигнеме рамнотежа меѓу двата сектора, создавајќи диверзифицирано портфолио кое може да се прилагоди на различни пазарни циклуси. Истовремено, Balfin Americas работи со флексибилна структура која ни овозможува да гледаме и надвор од секторот на недвижности. Активно истражуваме можности во високо-растечки индустрии, како што се вештачката интелигенција и биотехнологијата, каде што веруваме дека иновациите ќе создадат значајна вредност во иднина. Нашата амбиција не е само да инвестираме во средства, туку да бидеме препознаени како поддржувачи на смели идеи насочени кон иднината.

Со оглед на предизвиците при влез на американскиот пазар, особено поради строгата регулација, кои стратегии ги користи Balfin Americas за да го управува влезот на пазарот и да обезбеди долгорочен успех?

Нашата стратегија се темели на луѓето и партнерствата. Прво, вложуваме во градење на силни тимови кои ја споделуваат нашата визија и имаат експертиза да работат на брз и строго регулиран пазар. Второ, склучуваме партнерства со доверливи локални компании кои ни овозможуваат длабоки аналитички знаења за пазарот и ни помагаат да ги намалиме ризиците и да го забрзаме учењето. Оваа комбинација, меѓународно знаење и искуство и локална експертиза, се покажа како вистинска формула за нашето етаблирање во САД и позиционирање за долгорочен раст.

Гледајќи напред, како мислите дека ќе се развива американскиот пазар за недвижности во следните пет до десет години и каква улога очекувате да има Balfin Americas во тој развој?

Верувам дека пазарот на недвижности во САД ќе продолжи значително да се развива во текот на следната деценија. Проектите со мешана намена и оние ориентирани кон заедницата ќе добиваат сѐ поголемо значење, а технологијата ќе го трансформира начинот на кој зградите се дизајнираат, управуваат и доживуваат. Balfin Americas има за цел да биде на чело на овие промени. Со нашето сегашно портфолио, растечка структура и стратегија насочена кон иднината, добро сме позиционирани да ги капитализираме овие трендови. Нашата улога ќе биде да реализираме проекти кои комбинираат одржливост, иновации и долгорочна вредност, обезбедувајќи ни значајна улога во обликувањето на иднината на пазарот на недвижности во САД.