Иван Трпчевски, државен првак во Триатлон: „Функционирам подобро по физичка активност. Спремен сум за велосипедската трка „Пуштам БРК, БРКам здравје“ !

Точка

07/11/2025

10:32

412

Големина на фонт

а а а

Иван Трпчевски e четирикратен државен првак на Македонија во Триатлон и со-сопственик на фитнес центарот ATG Macedonia. Покрај професионалните активности со спортската дисциплина триатлон којa вклучува трчање, возење велосипед и пливање, Иван е индивидуа кој не само што постојано го гради своето физичко здравје преку редовни тренинзи, туку и секогаш наоѓа време да ги мотивира, да даде совет и да ги инспирира другите, поттикнувајќи ги да се грижат за своето здравје и да останат активни. Токму овој ноември со него отвораме интересни теми.

Иван, долги години се занимаваш професионално со Триатлон и си четирикратен државен првак на Македонија. Што те мотивираше да започнеш со овој спорт?

Пред триатлонот тренирав пливање 8 години. На факултет тоа полека згасна и со моето идење во САД за време на летото. Во САД триатлонот беше многу популарен и луѓето рекреативно се занимаваа со овој спорт. Не ми требаше многу за да се решам да пробам и да се пријавам на една трка таму. На трката имав дури и напукнат прст на ногата и трчањето беше многу болно. Тука се роди и желбата да видам што овој спорт има да понуди. И така, од една трка за друга, навлегов се повеќе и се прероди во пасија и професионалност. 


Кои се најголемите придобивки од редовното возење велосипед, пливање и трчање? Кој од овие три сегменти ти е најголем предизвик, а кој ти е најдраг?

Нема делче од телото или психата што не е опфатена од триатлонот. Секој спорт на свој начин те дефинира, но сите три заедно се тест за тебе како човечко битие. Стануваш посвесен за своето тело, ја зголемуваш физичката издржливост и способност, учиш да го слушаш телото и се справуваш со болка. 


Movember е месец за подигање на свеста околу машкото здравје. Како според тебе спортот и редовната физичка активност можат да ги поттикнат мажите да се грижат за своето ментално и физичко здравје, но и да се мотивираат едни со други?

Ќе дадам пример за себе, а ова знам дека е вистина за многу мажи: Јас во денот мислам и функционирам подобро и побистро кога ќе направам некоја физичка активност. 

Всушност многу е едноставно, со вежбање во телото ги стимулираш хормоните на среќа и раздвижуваш циркулација, носиш храна до мозокот и сите други органи, со што потоа мислиш подобро и се чувствуваш подобро. И тоа е супер основа за да можеш да работиш или да се справуваш со разни предизвици во денот на полесен начин. 

Има еден момент, кога луѓето вежбаат или се тркаат заедно. Се чувствува посебна енергија и ти се зголемува силата. Мене тоа ми е многу возбудливо на трка, а верувам и на многу други. 

На 16 ноември, под мотото „Пуштам БРК, БРКам здравје“, решив да се приклучам на dm велосипедската рута од 63 км со цел да придонесам кон подигнување на свеста за машкото здравје и да ја поддржам глобалната иницијатива Movember – месецот посветен на грижата за здравјето на мажите.


Мажите често се срамат да зборуваат отворено особено за менталното здравје и за емоциите низ кои поминуваат. Кои секојдневни навики ти помагаат да останеш ментално силен и мотивиран, и како би ги инспирирал другите мажи да го направат истото?

Јас практикувам повеќе работи, и вистина сите се потребни. Тоа се тренинг, разговор и работа. Само тренингот го намалува стресот и напнатоста, а може и некогаш да ти го реши проблемот. Често пати за време на трчање ќе ми текнат решенија што цел ден сум ги мислел. 

Разговор со најблиските секогаш е потребен, без разлика дали е добра или лоша темата. Важно е да не минуваш сам низ нештата. А работата, кога е нешто што го сакаш, тогаш креирањето, продукцијата и се останато што го правиш таму те исполнува со задоволство и чувство дека си направил нешто корисно.