Movember за мене не е само месец за брада. Тоа е месец на солидарност и храброст. Тоа е иницијатива која потсетува дека треба да зборуваме за машкото здравје и да ги поттикнуваме мажите да одат на прегледи и да се грижат за себе, изјави Бранко Стојкоски.
Во рамки на месецот посветен на машкото здравје „Movember“ – финансискиот консултант Бранко Стојкоски кој е исто така тесно поврзан со брендот за рачна изработка на аксесоари Бранчела, ни откри како ги комбинира работните обврски со секојдневните семејни активности и колку е важно мажите да посветат време на своето физичко и ментално здравје.
Се сеќаваш ли како беше кога првпат почна да ти расте брада во пубертет?
Секако дека се сеќавам, тоа беше настан за паметење. За разлика од моите врсници, мојата брада не беше многу густа на почетокот. Имаше празни места без влакна и изгледаше смешно. Се обидував да ја наместам со секакви производи. Па, секоја брада има своја приказна, но мојата е посебна и ја носам со гордост. Сега сум горд на мојата брада, знам дека не е совршена, но е моја! Брадата е како финансиска инвестиција, бара време, труд и трпение за да се исплати. Некогаш немаш резултати, некогаш си супер задоволен, но никогаш не се откажуваш од нејзиното негување.

Што значи брадата за тебе?
За мене, брадата е дел од мојот идентитет. Таа е симбол на мојата зрелост. Како финансиски консултант, работам со луѓе кои ми веруваат со нивните пари. Брадата ми помага да изгледам поозбилно, поодговорно, а со тоа се зголемува и мојата самодоверба. Едноставно, брадата дава чувство на сигурност, како и финансискиот план што го правам за моите клиенти.
Како ја негуваш брадата и лицето?
Најважно е да се негува редовно, исто како што редовно ги следам финансиските пазари. Користам Balea масла, балсами и пена за брада, кои ми одговараат. Најголем предизвик ми е одржувањето на формата. Многу луѓе мислат дека е лесно, но потребна е упорност за да се одржи чист изглед кога носиш брада. Исто е како во финансиите, ако не обрнуваш внимание на деталите, сѐ може да тргне во погрешна насока.

Што претставува Movember за тебе?
Movember за мене не е само месец за брада. Тоа е месец на солидарност и храброст. Тоа е иницијатива која потсетува дека треба да зборуваме за машкото здравје и да ги поттикнуваме мажите да одат на прегледи и да се грижат за себе. Како финансиски консултант, секогаш ги советувам луѓето да вложуваат во нивната иднина, а најдобрата инвестиција е во здравјето. Затоа, Movember е многу повеќе од мода, тоа е животна лекција. Ги носам моите бркови и брада со гордост за да покажам дека се грижам за себе и за моето семејство, а на 16 ноември ќе ја поддржам dm велосипедската рута под мотото „Пуштам БРК, БРКам здравје“ со цел подигнување на свеста и грижата за машкото здравје!









