Кој гради на местото на јавниот базен во Сарај, прашуваат од „Вреди“

Макфакс

21/07/2025

13:18

267

Големина на фонт

а а а

Во Општина Сарај продолжуваат градбите кои се изведуваат тајно и без соодветна законска документација, реагираат од „Вреди“.

„Во Сарај се гради или реконструира објект кој некогаш беше јавна сопственост, заедничко добро на сите граѓани, а денес е претворен во приватна сопственост.

Станува збор за базенот сместен во спортско-рекреативниот центар во Сарај, кој во 2023 година, од страна на тогашната влада составена од ДУИ и СДСМ, беше трансформиран во сопственост на Општина Сарај. Од тогаш па наваму, нема објавено ниту една официјална информација за овој објект, кој требаше да остане во служба на сите скопјани“.

Во Општина Сарај како што подвлече Мухамед Елмази од „Вреди“ владее молк. Градбата, појаснува тој, се одвива без никаква информативна табла на теренот, без јавна најава, без истакнат број на градежна дозвола и без податоци за инвеститорот.

„Сè се одвива во целосна тајност.

Општина Сарај должи одговори на жителите на Сарај и пошироко:

• Кое е претпријатието што го гради објектот?

• Кој е инвеститорот и со какви средства се финансира изградбата?

• На која правна основа се гради?

• Кога е донесена одлуката за оваа градба?

Во меѓувреме, Градот Скопје, како и секогаш кога станува збор за интереси на актуелниот градоначалник на Сарај и неговиот претпоставен Блерим Беџети, молчи.

Во сите случаи поврзани со Блерим Беџети, Градот Скопје се однесува како да нема надлежност за надзор, инспекција или прашања поврзани со земјиштето и урбанистичките интервенции“.

Од партијата бараат Општина Сарај веднаш да ја објави целата документација и официјалните информации поврзани со овој објект.

Бараат и Градот Скопје да спроведе целосна инспекциска контрола и да ја информира јавноста транспарентно, јасно и одговорно.