Феликс Баумгартнер, светски познатиот екстремен спортист којшто стекна слава со скокот од вселената во 2012 година, трагично загина во Италија.
Популарниот екстремен спортист Феликс, загина вчера на италијанското крајбрежје на Јадранското море во несреќа со параглајдер, пренесоа светските медиуми.
Несреќата се случила во близина на местото Порто Сант’Елпидио, а телото било пронајдено во хотелскиот базен.
Баумгартнер ќе го паметиме како некој којшто ги поместуваше границите и одеше таму каде што никој не смееше.
Австралискиот екстремен спортист, најпознат е по спектакуларниот скок од стратосферата на 14 октомври 2012 година со којшто постави повеќе светски рекорди и остави неизбришлива трага во историјата на екстремните спортови и човекова храброст.
Феликс е роден на 20 април 1969 година во Салцбург во Австрија, а од раното детство бил фасциниран од летањето и висините.
Во текот на својата кариера специјализирал за скокови од високо позиционирани објекти, вклучувајќи згради, мостови и карпи, што го направи еден од клучните фигури во светот на „бејс џампингот“ – спорт којшто подразбира скокање од фиксни точки со користење падобран.
Неговиот најпопуларен подвиг се случил во рамките на проектот „Red Bull Stratos“ кога од капсула подигната со балон на висина од 39.045 метри над површината на Земјата, односно од границата со вселената, скокнал назад на планетата.
Во текот на тој слободен пад:
- пробил звучен ѕид, достигнувајќи брзина од 1.357,6 км/ч.;
- поставил тогашен рекорд во највисока висина со скок од падобран;
- извел најдолг слободен пад (4 минути и 19 секунди), пред да го отвори падобранот.
Овој скок не бил само медиумски спектакл, туку и научен експеримент. Преку проектот биле собрани драгоцени податоци за развојот на безбедносната опрема за астронаути и пилоти, а подвигот на Феликс инспирирал генерации истражувачи, спортисти и визионери.
По скокот, Баумгартнер се повлече од активното занимавање со екстремни спортови, но остана присутен во јавноста низ хуманитарната работа, документарните емисии и јавни настапи.