Од септември за првпат образовни асистенти ќе има и во основните и во средните училишта, најмногу досега, соопшти МОН

Макфакс

15/07/2025

16:14

226

Големина на фонт

а а а

„Во новата учебна година за првпат образовни асистенти ќе има не само основните, туку и во средните училишта, за што, актуелната Влада предложи, а пратениците усвоија ново законско решение кое значи унапредување на инклузивноста на националниот образовен систем“, велат од МОН.

„Веројатно ова е болката во редовите на политичката партија СДСМ, каде откако им пропаднаа обидите да ја манипулираат јавноста со обвинувања дека од септември ќе нема учебници, сега се преориентираат и обидуваат со нови измислици да ги вознемируваат родителите и старателите на учениците со попреченост, а со тоа да влијаат на креирање на јавното мислење за работењето на актуелното раководство на Министерството за образование и наука.

МОН реагира на обвинувањата дека образовните асистенти се отпуштаат од работа и процесот на вработување се партизира, како и дека се ангажираат несоодветни кадри.

Ангажирањето на образовните асистенти е целосно транспарентен процес и не го спроведува министерството, туку го спроведуваат раководствата на основните и средните училишта со ресурсни центри, од кои, дел се поставени токму во времето кога владееше СДСМ, партијата што денес го оспорува нивното работење, додека МОН верува во нивната стручност и професионалност.

Нивниот ангажман е на определено време, а тоа е така затоа што бројот на потребен кадар секоја година е различен и зависи од потребите кои ќе ги пријават родителите/старателите на учениците со попреченост. Секој образовен асистент за секоја следна учебна година, повторно аплицира на јавен повик за да биде ангажиран.

Новото раководство на министерството иницираше проширување на нормативот за овој тип на стручен кадар, за да може да се ангажираат доволно образовни асистенти, лица со соодветно образование и да се задоволат потребите на сите редовни основни, а за прв пат и на редовни средни училишта во кои има ученици со посебни образовни потреби.

На јавно објавените огласи се пријавуваат многу кандидати, а се примаат оние кои ги исполнуваат условите и се најдобро рангирани од страна на комисиите кои, повторно напоменуваме, ги формираат училишните раководства. Како што посочивме, во најголем дел, тоа се кадри кои биле ангажирани и во изминатите учебни години, со оглед дека станува збор за област со кадровски дефицит.

Иако, примарната улога на еден образовен асистент е да обезбедува поддршка на наставникот во начинот на пристапување и задоволување на посебните образовни потреби на учениците во еден клас, сепак, ја разбираме сигурноста на родителите/старателите кога детето има образовен асистент кој целосно му е посветен само нему, секој училишен ден. И затоа, направени се измени на правната регулатива, да се излезе во пресрет на сите ученици, родители/старатели. Училиштата со ресурсни центри согласно законските прописи прават напори образовниот асистент да продолжи да работи со ученикот на кој и до тој момент му обезбедувал асистенција за полесно совладување на наставната материја и секојдневните обврски.

Напоменуваме и дека оваа година за прв пат, огласите за ангажирање образовни асистенти се објавени во месец јуни, за изборот да биде завршен пред почеток на учебната година и навремено да ја започнат својата работа во училиштата.

СДСМ со вакви неосновани обвинувања и лиферување лажни вести за да ја поткопа довербата на јавноста кон институциите, всушност го губи сопствениот кредибилитет меѓу народот. Би било добро да слушнеме некоја конструктивна идеја во следниот период и да видиме прогрес во редовите, наместо да гледаме лет во место“, соопштуваат од МОН.