Трамп: Зеленски не треба да ја гаѓа Москва

Макфакс

15/07/2025

20:17

497

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не треба да наредува напади врз Москва, и покрај најавата дека Украина ќе добие нови пратки западно оружје и сè поострата реторика кон Русија.

Изјавата на Трамп доаѓа откако „Фајненшл тајмс“ објави дека американскиот претседател неодамна го прашал Зеленски дали Украина планира да ја таргетира Москва ако САД испорачаат оружје со долг дострел. Иако Белата куќа не ги коментираше наводите на британскиот весник, Трамп денес јасно им кажа на новинарите дека не поддржува таков потег.

Во разговор со новинарите пред да ја напушти Белата куќа, Трамп го коментираше и својот ултиматум до Русија, според кој Москва има 50 дена да се согласи на прекин на огнот во Украина, во спротивно ќе се соочи со високи тарифи. „Ќе видиме што ќе се случи со претседателот Путин“, рече Трамп.

Кога го прашаа дали сега е на страната на Украина, Трамп одговори: „Не сум на ничија страна. Јас сум на страната на човештвото“. Тој додаде дека сака да го запре убивањето: „Сакам да го запрам масакрот на илјадници луѓе неделно“, рече Трамп.