[ВИДЕО] За двојно убиство и трговија со дрога, 50 години затвор за шест члена на криминалната група Грчец

A1ON.MK

15/07/2025

14:16

1.821

Големина на фонт

а а а

Вкупно 50 и пол години затвор добија шестмина членови на криминалната група Грчец, уапсени во јануари минатата година, од кои четворица за инволвираност во неовластено купување на 15 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава, додека двајца за злосторничко здружување со цел вршење на кривично дело двојно убиство од одмазда и по порачка.

Судот ги прогласи Фадил Бајрамовски, Севди Азири, Неџати Исени и Бесим Асани за виновни за кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ од чл.215 ст.3 од Кривичен законик.

Бајрамовски, Азири и Исени се осудени на казна затвор пет години, додека Бесим Асани шест години казна затвор.

Останатите двајца Судот ги прогласи за виновни дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од чл.394 ст.3 и Убиство од чл.123 ст.2 т.5 од Кривичен законик.

Фати Сулејмановски судот го осуди на казна затвор од една година и шест месеци за делото Злосторничко здружување и 14 години затвор за делото Убиство или на една единствена казна затвор од 14 години и шест месеци.

Шулејб Сулејмановски судот го осуди на казна затвор од две години за кривичното дело Злосторничко здружување и 14 години за делото Убиство или на една единствена казна затвор од 15 години.

Групата не дејствувала инцидентно, туку континуирано и тоа најмалку од јуни 2019 до март 2021 година и во истрагата биле опфатени 15 лица, меѓу кои сега дел се починати, а дел се уште се недостапни на органите на прогон.

Судијката Фанка Јанчулова Михаиловска, при објава на пресудата рече дека околноста за постоењето на криминална група се потврдува преку континуирано повторување и организирање на набавка на наркотична дрога, а друга околност е користење на исто возило Порше Кајен при набавка на дрога од Албанија и потоа од Белгија.

- Фадил Бајрамовски јасно знаел и комуницирал и договарал преземање и пренос на дрогата преку апликацијата Скај, додека обвинетиот Бесим Асани не е лице што случајно ја пренел дрогата, туку јасно знаел и престојувал месец и половина во Белгија. Анализирајќи ја комуникацијата од апликацијата Скај за преземање на дрогата од Албанија јасно е дека косоварот е обвинетиот Севди Азири кој ја пренел дрогата од Албанија, изјави Јанчулова Михаиловска.

Од јуни 2019 до март 2021 година Шеваљ Муареми и други н.н. лица недостапни на органите на прогон формирале и раководеле со група за транспорт и неовластено пуштање во промет на дрога во Македонија. Групата договорила набавка на 14 килограми кокаин од Албанија по цена од 33 илјади евра за килограм и потоа организирала транспорт преку Косово во Македонија.

Судот, при објава на пресудата рече дека убиството е дел од поголем криминален план за убиство на лица кои им пречат и за што е потврда фактот дека жртвата е рационално и свесно одбрана.

- Тие свесно одлучиле и останале на одлуката за двојното убиство, што е одлика на криминалната група. Од комуникацијата на Скај факт е дека жртвата е рационално и свесно одбрана, како и набавката на пиштол со пригушувал, панцири и флешери за автомобил. Од комуникацијата јасно е дека двојното убиство е поврзано со престрелката со криминалната група Дуќанџик во Александар Палас. Со оглед на наведеното најмалку тројца учествувале во двојното убиство, без разлика дали Фати или Шулејб пукал или само управувал со возилото, изјави судијката.

Одбраната реагирала на дел од обезбедените докази преку апликацијата Скај, но Судот, како што објасни, ги прифатил бидејќи биле добиени со меѓународна правна помош од Франција.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во јануари 2024 година отвори истрага против 15 лица, а во јули 2024 до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против пет лица. За четири лица кои се недостапни на органите на прогонот, обвинителството преку Министерството за правда ги има преземено сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја. Така, за две лица се доставени документи за екстрадиција до Обединетите Арапски Емирати, за едно лице до Р. Хрватска и за едно лице до шпанските власти. Постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени.