Шефот на НАТО: Имам порака за Кина, Индија и Бразил – Ве молам, јавете му се на Путин

Макфакс

15/07/2025

19:47

628

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека секундарните санкции, кои вчера ги најави американскиот претседател Доналд Трамп, би можеле сериозно да ги погодат големите увозници на руски енергенси, како што се Кина, Индија и Бразил.

„Мојата порака до овие три земји е: можеби треба подобро да размислите, бидејќи ова може сериозно да ве погоди. Ве молам, јавете му се на Владимир Путин и кажете му дека мора сериозно да се зафати со мировните преговори“, изјави Руте за време на посетата на Вашингтон.

Тој додаде дека Европа нема да дозволи Украина да остане без поддршка додека не се создаде простор за мир.

„Ќе најдеме пари во Европа за да обезбедиме Украина да биде во најдобра можна позиција штом започнат мировните преговори“, рече Руте.

Руте се повика на вчерашната изјава на Доналд Трамп, кој ѝ даде рок од 50 дена на Русија да прифати прекин на војната во Украина. Во спротивно, порача Трамп, САД ќе воведат нови царини за руската стока, како и секундарни санкции за земјите кои ќе продолжат да увезуваат руски енергенси.

Трамп исто така најави масовна испорака на американско оружје за Украина, вклучувајќи системи „Патриот“ и друго оружје, со посредување на НАТО сојузниците во Европа. Тој нагласи дека, доколку Москва ги одбие мировните преговори, одговорноста ќе ја сносат и нејзините надворешни партнери.

Само еден ден по изјавата на Трамп, Кина ја засили својата поддршка за Москва. Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Пекинг и Москва треба да ја „зајакнат меѓусебната поддршка на мултилатерални форуми“, објави државната агенција Синхуа по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Пекинг.

Заканата од Трамп за секундарни санкции директно се однесува на земји како Кина, Индија и Бразил – кои се меѓу најголемите купувачи на руска нафта и гас. Реакцијата на Кина укажува дека пораките од Трамп не наидоа на очекуваниот ефект.