Познатиот сплитски лекар Боран Углешиќ и сопруг на хрватската актерка Ана Груица Углешиќ, е осуден на година ипол затвор, од кои ќе помине шест месеци зад решетки, додека остатокот од казната ќе биде условен, под услов да не стори ново кривично дело во следните пет години
Како што пренесуваат хрватските медиуми, ова е неправосилна пресуда во случајот „Дијагноза“, со кој заврши судењето во сплитскиот Жупански суд во понеделникот.
Боран Углешиќ е осуден за учество во повеќегодишна мрежа на проневера на воени пензии преку фалсификувани медицински документи.
Судењето се водеше против вкупно седум лица, а случајот трае од 2008 година. Обвинението е поднесено пред повеќе од 16 години, а според него, главни актери биле поранешниот медицински техничар С. Ј., возачот на ХЗМО Д. Ш. и неколку медицински работници, меѓу кои бил и Углешиќ.
Судијата Динко Мешин навел дека во меѓувреме застарени се повеќе кривични дела, поради што казните се поблаги отколку што би биле да можеа сите случаи да бидат процесирани, објави „Слободна Далмација“.