Полицијата откри што точно се случувало со тројното убиство во Прилеп

Макфакс

13/07/2025

15:04

3.878

Големина на фонт

а а а

Тројца загинати, меѓу кои и 13-годишно дете, е исходот од трагичниот настан што се случи на 12 јули 2025 година во Прилеп, а кој полицијата го води како кривично-правен настан „убиство и самоубиство“. Според официјалните информации од СВР Битола – ОВР Прилеп, сè започнало кога 62-годишниот П.Ѓ. од Прилеп телефонски го поканил својот внук од сестра П.Ч. (43) да дојде во неговиот дом, но со јасна инсистенција да го поведе и својот малолетен син.

П.Ч. ја информирал својата сопруга дека тргнува со детето на гости кај вујкото, по што заминале во непозната насока. Сведоци во близина на куќата на П.Ѓ. потоа слушнале истрели од огнено оружје меѓу 15:30 и 16:00 часот, но немало пријава до полицијата во тој момент.

Како што информира полицијата, во 17:10 часот на фејсбук-профил кој му припаѓа на П.Ѓ. бил објавен статус со сомнителна содржина, во кој ги споменува сестра му и нејзиниот син. Поради содржината, се претпоставува дека објавата била напишана по убиството на П.Ч. и неговото дете.

Кога сопругата на П.Ч. не успеала да ги добие на телефон, самата тргнала до куќата на П.Ѓ. На лице место го затекнала автомобилот на својот сопруг, но и покрај повиците никој не одговарал од внатрешноста. Околу 21:20 часот го пријавила случајот во ОВР Прилеп, укажувајќи дека нејзиниот сопруг и синот веројатно се во куќата на неговиот вујко.

Веднаш по пријавата, полициски службеници се упатиле на ул. „Стеван Апостолоски“ каде по неуспешен обид да добијат одговор на вратата, со наредба од јавен обвинител ја отвориле со употреба на сила. Внатре, П.Ѓ. фрлил рачна бомба кон полицијата која само чадела, но не експлодирала. Потоа започнал да пука кон полициските службеници, кои возвратиле со оган.

Околу 22:40 часот, преку радио врска било пренесено дека се пука од куќата кон полицискиот тим. По кратко време, П.Ѓ. со огнено оружје си го одзел животот.

Во 01:20 часот, во присуство на јавен обвинител, екипи на ОВР Прилеп извршиле увид во куќата. Биле пронајдени чаури, траги од проектили, пиштоли од калибар 9 мм и 7,65 мм, една неексплодирана бомба М93, документи, парични средства, како и имотни договори.

Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на трите тела.