По трагичниот случај во Прилеп, од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро реагираат на, како што велат, целосно излезената од контрола безбедносна состојба во државата и бараат итна оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Ќе ги почекаме официјалните информации за конкретниот случај во Прилеп пред да го коментираме, затоа што не сакаме да злоупотребуваме ништо. Но она што е факт е дека луѓето во Македонија веќе една година се убиваат по улици, маала и дури во сопствени домови. Безбедноста е урната, а Тошковски залудно лаже дека е подобрена“, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, Македонија се соочува со вистинска ескалација на насилство и криминал.
„Сведоци сме на убиства, престрелки, ликвидации и закани, повеќе од 25 убиства и обиди за убиства само во една година. Слободно се движи оружјето, а нарко-кланови функционираат без препреки. Наместо полицијата да ги спречи, ги штити“, обвини Кузеска.
Таа порача дека државата е парализирана, а криминалците управуваат со улиците, додека „власта со своето молчење и неспособност го дозволува тоа“.
„Пораката што граѓаните ја добиваат денес е дека нивниот живот вреди помалку од политичките амбиции на власта. Тоа е страшна порака“, рече Кузеска, повторувајќи го барањето:
„Панче Тошковски мора веднаш да си поднесе оставка. Не од морални причини, туку затоа што е неспособен да ја гарантира најосновната должност на државата, безбедноста на своите граѓани“.