Жителите на делчевската населба Први Реон на видео снимка забележале лице како подметнува пожар, а потоа со забрзани чекори го напушта местото. Настанот се случил во доцните вечерни часови на 9 јули, а видеото од надзорната камера, поставена во близина на критичниот потег, веќе е предадено на надлежните служби.
Инцидентот првично бил пријавен од страна на загрижен граѓанин кој забележал сомнителен чад, а потоа со преглед на снимките се потврдило дека станува збор за намерно подметнување оган.
„Во услови кога температурата се искачува над 35 степени, а природата е сува и лесно запалива, ваквите постапки се не само неодговорни, туку и животозагрозувачки,“ стои во апелот на надлежните локални власти. Оттаму додаваат дека истрагата е во тек и се работи на идентификација на сторителот.
Од општината Делчево ги повикуваат граѓаните на зголемена будност и итно пријавување на секое сомнително движење или обид за подметнување пожар.
„Апелираме до сите да не остануваат рамнодушни. Доволна е една искра за да изгори целиот регион. Заедно можеме да ги спречиме катастрофите“, велат од службата за противпожарна заштита во Делчево.