Легендарниот холандски тренер Луј ван Гал (73) откри нови детали за својата борба со рак на простата и напредокот кој го постигнал во процесот на заздравување. Во интервју за телевизиската емисија "Humberto", ван Гал потврди дека повеќе нема симптоми од болеста и дека повторно се чувствува силно и здраво.
„Пред две години имав неколку операции и состојбата беше сериозна, физички бев многу слаб, но сè заврши добро. Сега немам проблеми со ракот, но сè уште одам на контроли на секои три месеци“, изјави ван Гал.
„Ми ја мерат "PSA"-вредноста, и таа е 0.0. Тоа е добар знак, болеста не се шири повеќе. Во сè подобра форма сум. Имам 73 години — ви изгледам ли лошо?“
Поранешниот селектор на холандската репрезентација призна дека најтешко му паднало да се појавува во јавност додека ја минувал најтешката фаза од болеста.
„Не чувствував голема болка. Но, ужасно ми беше тоа што морав да носам пелени. Имав многу јавни настапи и затоа секогаш носев темни панталони за да не се забележи ништо. Тоа не е пријатно, особено кога сè уште си јавна личност.“
Тој даде и конкретен пример:
„Во име на "Keuken Kampioen Divisie" требаше да доделам трофеи, и тогаш едноставно се измокрив во панталоните. Никој не ми рече ништо, но за мене тоа беше многу непријатно. Сега сето тоа е зад мене и можам добро да го контролирам.“
Водел некои од најголемите европски клубови
Луј ван Гал, роден на 8 август 1951, е еден од најтрофејните холандски тренери во историјата. Денес е советник во Ајакс, клубот со кој ги постигна некои од своите најголеми успеси.
Неговата кариера вклучува работа во гиганти како:
Ајакс, Барселона, АЗ Алкмар, Баерн Минхен и Манчестер Јунајтед. Три пати ја предводеше холандската репрезентација. На клупско ниво има освоено вкупно 20 големи трофеи, а прекарот „Железното лале“ го доби поради својата ригорозна и авторитетна тренерска филозофија.
Како играч, ван Гал настапувал како среден ред во клубовите: Ројал Антверпен, Телстар, Спарта Ротердам, Ајакс и АЗ Алкмар. Професијата му е и наставник по физичко образование, а паралелно со играчката кариера предавал и во средни училишта.
Фантастична тренерска кариера
Тренерскиот пат го започнал како помошник во АЗ, а потоа и во Ајакс кај Лео Бенхакер. Во 1991 година ја презел првата екипа на Ајакс и освои три титули шампион на Холандија, Купот на УЕФА и Лигата на шампиони.
Во Барселона пристигна во 1997 година и освои две титули првак на Шпанија и Кралскиот куп, но поради несогласувања со управата замина.
По неуспешниот прв мандат како селектор на Холандија (не избори пласман на СП 2002), се врати во Барселона, а потоа во АЗ, каде што го освои само вториот шампионски трофеј во историјата на клубот.
Во Баерн Минхен пристигна во 2009 година и освои Бундеслига, германски куп и стигна до финалето на Лигата на шампиони. Во 2012 повторно стана селектор на Холандија и го водеше тимот до трето место на СП 2014.
Подоцна ја презеде Манчестер Јунајтед и го освои ФА Купот, но беше отпуштен во 2016 година.
Иако во 2019 година објави пензионирање, во 2021 се врати и по трет пат стана селектор на Холандија. По СП 2022, се повлече од фудбалот.