Иако засега не е позната точната вредност на украдените пари и скапоцености, италијанските и швајцарските медиуми шпекулираат дека станува збор за огромна сума.
Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Ален Прост, бил повреден за време на провала во неговиот дом во Швајцарија.
Според швајцарските и италијанските медиуми, група провалници упаднала во семејната куќа и под закана со огнено оружје ги принудила членовите на семејството да соработуваат.
Инцидентот се случил во вторникот наутро, а информациите за нападот прво ги објавил швајцарскиот „Blick“, по што ги пренесе и италијанска „Gazzetta dello Sport“.

Се наведува дека 71-годишниот Французин за време на нападот се здобил со повреда на главата, но за среќа не станува збор за потешки повреди.
Според достапните информации, разбојниците под закана со оружје го натерале синот на Прост да го отвори сефот, што тој на крајот и го направил.
По кражбата, сторителите избегале од местото на настанот, а швајцарските медиуми наведуваат дека постои можност да ја напуштиле земјата и да заминале кон Франција.

Полицијата официјално не го откри идентитетот на жртвата, но потврди дека неколку маскирани лица провалиле во куќа, им се заканувале на членовите на семејството и повредиле едно лице.
Исто така било наведено дека сторителите, по отворањето на сефот, избегале со украдените предмети, додека точната проценка на штетата сè уште се утврдува.

Иако точниот износ на украдените пари и вредни предмети не е познат, италијанските и швајцарските медиуми шпекулираат дека станува збор за многу голема сума.
Имено, Прост е заштитно лице на луксузниот бренд часовници „Richard Mille“, чии производи достигнуваат исклучително високи цени на пазарот.











