Секогаш насмеаната Арина Сабаленка, која има можност да се впише во историјата на Вимблдон, неколку пати се соочила со многу тешки моменти, но останала оптимистична и силна, токму онака како што секогаш ја учел нејзиниот татко.
Белоруската тенисерка е една од најуспешните во овој спорт во последните години, а моментално го држи првото место на ВТА листата и е во поход на својот прв трофеј на Вимблдон.
Сабаленка е позната и по својата вечна насмевка и подготвеност секогаш да запее и танцува, поради што нејзините колеги ја обожуваат, а Новак Ѓоковиќ пред неколку дена откри дека таа е омилена тенисерка на неговата ќерка Тара и дека постојано прашува кога повторно ќе ја посети.
Меѓутоа, зад широката насмевка на Арина се крие многу болка, со која научила да живее.
Таа е родена во Минск и е ќерка на познатиот хокеар Сергеј Сабаленка. Токму тој за прв пат ја однел на тенискиот терен и ја запознал со спортот во кој се заљубила на шестгодишна возраст.
„Еден ден, татко ми ме возеше во својот автомобил, кога виде тениско игралиште на патот. Ме однесе на терените. Ми се допадна, уживав и така започна“ – раскажала таа во едно интервју.
Почнала да тренира тенис, а продолжила на повисоко ниво штом се отворила Националната тениска академија во Минск во 2014 година, а веќе следната година, Тениската федерација на Белорусија ја убедила да се фокусира на професионални турнири наместо на јуниорски.
Се покажало дека тоа било одлична одлука бидејќи наскоро Сабаленка стекнала значително искуство и почнала да ги победува постарите тенисерки. До денес, таа има освоено 20 титули, вклучувајќи го УС Опен и два трофеи на Австралија Опен, додека играла и во финалето на Ролан Гарос и полуфиналето на Вимблдон, а оваа година повторно е меѓу четирите најдобри тенисерки во Лондон.
Смртта на таткото
Со својот татко Арина сонувала за освојување на Гренд слем титули и имале планови таа да освои две до 25-годишна возраст. Меѓутоа нејзиниот татко починал од менингитис во 2019 година, на само 43 години, а притисокот да го оствари нивниот заеднички сон растел.
„Пред четири години го загубив татко ми, сонувавме дека пред да наполнам 25 години ќе освојам неколку Гренд слем титули. Кога тој почина, почнав премногу да размислувам за тоа, имам 24 години и немам Гренд слем. Чувствувам дека вршев притисок врз себе и премногу размислував за тоа. Чувствував дека морам да се справам со сето тоа. Не се откажав поради сонот на татко ми и мојот, тој тоа не би ми го дозволил. Сигурно ќе ми речеше: „Се шегуваш? Ќе бидеш силна, како што те воспитав, како шампионка“. Потоа пресеков и реков дека морам да продолжам понатаму“ раскажа Белорусинката во документарецот што го сними за „Нетфликс“.
И навистина успеала да ја постигне нивната најголема цел, освојувајќи го Австралија Опен во двојки во 2021 година, потоа во сингл во 2023 и 2024 година и УС Опен во 2024 година, а секогаш ги посветува своите најголеми успеси на татко ѝ.
„Тој беше сè за мене. Имам чувство дека е секогаш покрај мене. Многу сум благодарна за сè што направи за мене, не мислам дека ќе бев тука да не беше тој“, изјави Сабаленка.
Самоубиство на долгогодишно момче
Арина отсекогаш била девојка за долги врски, а веќе некое време е заљубена во бразилскиот бизнисмен со грчко потекло, Јоргос Франгулис, директорот на „Окукбери“, компанија што произведува здрава храна.
Тој ѝ помогнал да заздрави од трагичната загуба што ја доживеала во март 2024 година, кога нејзиното момче Константин Колцов изврши самоубиство.
Додека престојувале во Мајами, каде што Арина играла на Мастерс турнирот во Флорида, Колцов скокнал од 23-тиот кат на хотелот.
Сепак, тенисерката храбро продолжи да игра на турнирот и им се заблагодари на навивачите за нивното сочувство и поддршка.
„Вашите грижливи пораки многу ми значат и ги носам со себе секој ден. Многу сум ви благодарна за сè“ напиша Белорусинката на Инстаграм.
Сабаленка била во врска со Константин од 2021 година, а нивните заеднички моменти ги сподели само во неколку наврати и не зборуваше многу за својот емотивен статус.
Настапува без своето знаме
Откако започна војната во Украина, на тенисерките и тенисерите од Русија и Белорусија им беше дозволено да учествуваат на турнири, но без да ги истакнуваат знамињата на своите земји.
Па денес, покрај името на Арина Сабаленка, нема национално знаме, ниту пак се споменува името на Белорусија, а таа еднаш изрази поддршка за народот на Украина.
„Имам чувство дека на луѓето им е потребна нашата поддршка. Се надевам дека знаат дека сите сме загрижени. Мислам дека зборот „тажен“ не е доволен“ истакна таа.
Бидејќи е Белорусинка, одредени нејзини колешки не сакаа да се ракуваат со неа по натпреварите иако таа ги чекаше покрај мрежата.
„Да можев да ја сопрам војната, ќе го направев тоа, но, за жал, не е во мои раце. Можам само да се надевам на мир“ нагласи таа во 2023 година.
„Никој во светот, ниту руски ниту белоруски спортисти, не ја поддржува војната. Никој. Како можеме да ја поддржуваме војната? Никој, нормалните луѓе никогаш нема да го поддржат тоа. – Не сакам мојата земја да биде во каков било конфликт. Не ја поддржувам војната, што значи дека не го поддржувам ниту Лукашенко“ истакна Арина.
Инаку во минатото таа ја критикуваше владата на Александар Лукашенко поради начинот на кој властите се однесуваа кон граѓаните за време на мирните протести, но белоруската опозиција ја искритикува што не ја користела својата платформа за да се залага за каузата на демонстрантите.
Своевремено, таа објави отворено писмо во кое нагласи дека спортот треба да се одвои од политиката, што многумина го протолкуваа како поддршка за Лукашенко, бидејќи претходно познати личности во Белорусија потпишаа отворено писмо со кое побараа поништување на изборите во 2020 година.