Високиот крвен притисок (хипертензија), често не покажува јасни симптоми поради што многу од луѓето не знаат дека го имаат.
Сепак, експертите предупредуваат дека одредени прехранбени навики, особено внесот на сол, може да го зголеми ризикот од развој на хипертензија или да ја влоши состојбата доколку веќе имате срцеви проблеми.
Сол – тивок непријател на здравјето на срцето
Редовната контрола на крвниот притисок е исклучително важна, особено по 40-тата година од животот. Ретки симптоми, како главоболка, замаглен вид или крвавење од носот, можат да бидат знаци за зголемен крвен притисок, но кај поголем дел од луѓето состојбата поминува незабележливо.
Храната има клучна улога во регулирањето на притисокот. Додека некои намирници помагаат во неговото намалување, други, како прекумерното внесување сол, можат значително да го зголемат.
Експертите предупредуваат дека консумирањето повеќе од 6 грама сол дневно (околу една рамна лажица), може значително да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести.
Солта е присутна и во намирниците во кои не би очекувале
Поголема доза на сол внесуваме преку индустриски преработената храна. Готовите јадења, грицките, пекарските производи, но и житариците кои ги јадеме за појадок, содржат голема количина сол.
Скриени извори на сол:
- конзервирани супи и сосови;
- готови пици и теста;
- преработено месо;
- колачи, бисквити, печива;
- житарици за појадок.
Зошто е штетно да консумирате премногу сол?
Солта им помага на бубрезите во регулирање на количината вода во телото. Меѓутоа, кога внесуваме премногу сол, во крвните садови се задржува дополнителна вода. Тоа го зголемува притисокот внатре, што го зголемува ризикот од срцев удар и мозочен удар.
Кардиолозите советуваат:
- намалете ја количината на додадена сол во јадењата;
- читајте ги декларациите на производите;
- избегнувајте готова и преработена храна;
- бирајте свежи намирници и зачини како лимонов сок или зачински растенија како алтернатива за сол.