Знаете ли која европска држава за една ноќ ја променила страната на возење? Историски настан во кој цела сигнализација била сменета за само 4 часа

Точка

07/07/2025

13:00

1.335

Големина на фонт

а а а

Многу е тешко да ги смените навиките на цела нација за само неколку часа, а комплетната сигнализација во оваа држава била сменета за само 4 часа.

Во Шведска тоа се случило пред повеќе од скоро 60 години на 3 септември 1967 година кога возењето од левата страна било пренасочено на возење од десна страна.

Со внимателно планирање и кампања за подигнување на свеста, државата успеала да ги извести и подготви граѓаните за оваа огромна промена без поголеми последици.


Одлуката за преминување на возење на десната страна била донесена уште во 1963 година, четири години претходно. Овој историски настан познат е како „Högertrafikomläggningen“ или едноставно „Денот Х“.

Шведската влада сериозно пристапила на подготовките кои траеле повеќе од една година. Поделени биле дури 12 милиони брошури, а осмислено било и посебно лого за да се зголеми видливоста на кампањата.

Сепак, убедувањето на јавноста не било лесно, на референдумот во 1955 година дури 83 отсто од граѓаните биле против промени, додека пак 15 отсто го поддржале преминувањето на десната страна на возење.

Сепак, осум години подоцна, Владата одлучила да ја спроведе реформата.

Заради промените, сообраќајот привремено бил целосно запрен. Тој 3 септември 1967 година сообраќајот бил забранет од еден час после полноќ, освен за итните служби.

Во текот на наредните неколку часа, полицијата, војската, работниците на општинските служби и бројни волонтери работеле на замена на комплетната сигнализација ширум земјата.


Семафорите биле блокирани, автобуските станици преместени, а хоризонталната сигнализација – линиите на коловозот кои биле жолти, биле сменети во бела боја. Веќе во пет часот наутро, сѐ било подготвено.

Иако сообраќајот на почеток бил хаотичен, граѓаните биле исклучително внимателни, па не дошло до зголемен број на сообраќајни незгоди.

Така Шведска се ускладила со поголем дел од Европа и направила еден од најамбициозните инфраструктурни потфати во историјата.