Диого Жота (29) и неговиот брат Андре Силва (26) загинаа во сообраќајна несреќа во шпанската покраина Замора во средата навечер.
Бдеење за фудбалерите на Ливерпул, Диого Жота и неговиот помлад брат Андре Силва, се одржува денес во нивниот роден град Гондомар, во близина на Порто, а погребот ќе се одржи во сабота.
Собирот започна околу 8 часот наутро по локално време во Црквата на Воскресението, изјави локален свештеник за новинската агенција ПА, објави Би-Би-Си.
Свештеникот Хозе Мануел Маседо изјави за агенцијата дека погребот ќе се одржи во сабота од 10 часот наутро по локално време. Двете возила, вклучувајќи и мртовечко возило, беа пречекани со аплауз и солзи од локалното население и навивачите кои ги исполнија улиците во близина на погребалниот дом и главната црква во Гондомар.
Британските медиуми објавија дека сè уште не е јасно дали семејството ќе се одлучи за приватен или јавен погреб, но се очекува да присуствува португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза.
Жота (29) и неговиот брат Андре Силва (26) загинаа во сообраќајна несреќа во шпанската покраина Замора во среда навечер, кога нивниот автомобил излета од патот. Шпанскиот весник „Марка“ објави дека автомобилот се запалил и пламенот брзо се проширил на блиската вегетација.
Браќата починале околу половина час по полноќ откако пукнала гума на нивниот автомобил додека се обидувале да престигнат друго возило.
Тие патувале со автомобил од Порто до ферибот за Англија, каде што Жота требало да им се придружи на своите соиграчи од Ливерпул на предсезонски подготовки.
Жота бил подложен на мала операција и лекарите го советувале да не патува со авион, па затоа планирал да се врати во Ливерпул со брод и автомобил.