Реал Мадрид се подготвува за соочувањето со РБ Салцбург на Светското клупско првенство, средба која е од исклучително значање за шпанскиот претставник затоа што има сценарио во кое и може шокантно да биде елиминиран.
Меѓутоа јасно е дека во Реал никој не размислува за тоа, но ќе мора статусот на фаворит да се потврди на теренот. Една од темите за која тренерот Чаби Алонсо говореше пред овој меч е статусот на Родриго Гоеш, играч кој некое време се поврзува со заминување од клубот.
Тој не одигра ниту минута на претходниот меч со Пачука што дополнително ги зголеми шпекулациите, но Алонсо нема дилеми кога е во прашање иднината на офанзивецот.
- Ми изгледа добро, ентузијастичен. Другиот ден беше техничка одлука. Тој останува важен и ќе ни треба на Светското клупско првенство. Тој е посебен играч и ќе има значајна улога.
- Многу сум задоволен од сите и сметам на сите. Ова е многу тешка сезона; ќе имаме 50 или 60 натпревари. Ни треба екипа со здрава конкуренција. Среќен сум, - вели Чаби кој признава дека и на него му е потребна адаптација, време во Реал.
- Ова е многу сложен процес. Во различни фази, мора да знаете што да дадете приоритет. Не е секогаш можно да се опфати сè, но се обидувам да ги имам предвид најважните работи. На почетокот, ќе играме на еден начин, а подоцна ќе стане пофлуидно. Најважно е предиспозицијата. И можам да го видам тоа. Играчите сакаат да се прилагодат на оваа нова ера, зборуваме за работи. И тие се врвни. Лесно е со нив; дури и да се објасни на хартија, тие брзо го разбираат. Има работа што треба да се заврши секој ден и важно е концептите да им останат во крвта, - заклучи Шпанецот.