Секоја година, со почетокот на летната сезона, во медиумите се појавуваат информации за одземање храна на граничните премини кон Грција. Тогаш во фокус доаѓа и прашањето колку цигари е дозволено да се пренесат преку граница, па се споменуваат бројки и до 2-3 кутии по лице, што не е точно.
Без разлика од која земја влегувате во Грција, има јасни правила кои е важно да се почитуваат за да се избегнат непријатности, заплени или казни. Информирајте се пред патувањето и избегнете непријатности на граница, пишува „Nikana.gr“.
Храна која НЕ смее да се внесува преку граница со Грција
Според важечките прописи на Европската Унија, кои се применуваат и во Грција, строго е забрането внесување на:
• Сите видови месо и месни производи;
• Млеко и млечни производи;
• Варени и пржени јадења кои содржат месо или млечни производи.
Овие прописи може да ги проверите и на официјалната страница на Европската комисија.
Царинските службеници можат да ги запленат и уништат забранетите производи, а во некои случаи се можни и парични казни или кривични постапки.
Храна која смее да се внесе преку границата со Грција
Некои видови храна се дозволени, но само ако ги исполнуваат следните услови:
• Производот не е лесно расиплив и не бара ладење;
• Производот е во фабрички затворено, неоштетено пакување;
• Се користи од здравствени причини или за доенчиња;
• Храна за домашни миленици доколку е неопходна од здравствени причини за миленикот.
• Дозволени количини храна по патник:
• Млеко во прав за бебиња, медицинска храна – до 2 кг;
• Храна за домашни миленици (здравствени причини) – до 2 кг;
• Друга спакувана храна без месо и млеко (на пр. мед, тестенини, ориз) – до 10 кг;
Дозволени количини алкохол за лична употреба:
Патниците од земји кои не се членки на ЕУ, како Македонија, може да внесат следниве количини алкохолни пијалоци во Грција:
• 4 литри вино;
• 16 литри пиво.
Покрај тоа, дозволено е внесување на една од следните комбинации:
• 1 литар жесток алкохолен пијалак со над 22% алкохол (на пр. водка, џин);
• Или 1 литар алкохол со најмалку 80% алкохол;
• Или 2 литри вино (шери, порто) или пенливо вино.
Овие количини може да се комбинираат, но не смее да се надминува дозволеното во рамки на секоја категорија.
Колку цигари може да се внесат преку граница во Грција?
Грција применува построги лимити за внес на тутунски производи при влез по копно, па дозволено е внесување:
• 40 цигари или;
• 20 цигарилоси или;
• 10 пури или;
• 50 грама тутун;
Може да ги комбинирате овие производи, но вкупната количина не смее да ги надмине дозволените лимити.
Често во јавноста се шпекулира со бројката од 800 цигари. Тоа е точна бројка, но важи за патници од земји членки на ЕУ. За патници кои влегуваат во Грција од земји надвор од ЕУ, како Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, дозволениот број е 40 цигари – 2 кутии по полнолетен патник. На малолетници им е забрането да носат тутун и алкохол.
Ограничувањата важат по патник, не по возило.
Стоката без пријава може да вреди до 300 евра по лице (150 евра за лица под 15 години).
Непријавување на скапи уреди (лаптоп, фотоапарат) најчесто се толерира, но може да предизвика проблеми при излез од земјата.
Готовина над 10.000 евра мора да се пријави при преминување на граница.
Дали вреди да се носи храна од Македонија во Грција?
Иако патниците често носат храна заради заштеда, цените на производите во грчките супермаркети, особено во синџирот „Lidl“, не се значително повисоки отколку кај нас.
Водата и локалните сокови често се поевтини во Грција. Шишенце вода има законски ограничена цена и се движи до 60 центи за мало шише или 1,5 евро за цел пакет вода од 6 литри.
Овошјето и зеленчукот чинат приближно исто како во Македонија.
На пазарите и во локалните продавници може да се најде квалитетно и поволно месо, млечни производи и свежи намирници.
Наместо свежо месо и варени јадења, можете да понесете повеќе тестенини, ориз и слични производи.
Можно е запленување и парични казни
Иако грчките граничари често знаат да „замижат на едно око“ и досега не правеле проблеми за мали прекршувања на правилата, како пола кутија цигари повеќе од дозволеното, сендвич што го јадете во движење и слично, сепак ви советуваме да ги почитувате правилата и прописите и да не ги надминувајте дозволените количини.
Цените се речиси исти како во Македонија, а некои намирници се и поевтини, па навистина нема причина да ризикувате нерви, време и пари на граница, на пат кон морето.