Трамп: Бонди треба да објави сè што смета за веродостојно за Епштајн

Макфакс

16/07/2025

08:22

412

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека државната обвинителка Пам Бонди треба да објави „сè што го смета за веродостојно“ за осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, додека се соочува со редок бран критики од внатрешноста на својата база поради обидите да се стави крај на тој случај.

Бонди наиде на осуда од дел од политичката база на Трамп откако минатата недела изјави дека нема докази дека Епштајн водел „листа на клиенти“ ниту дека уценувал моќни луѓе.

Трамп за време на викендот ги повика своите приврзаници да не „трошат време и енергија“ на контроверзата. Но неговите сојузници, вклучувајќи го и претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, повикуваат на „транспарентност“.

Смртта на Епштајн во затвор во 2019 година, додека го чекаше федералното судење, официјално беше прогласена за самоубиство. Но многу следбеници на Трамповото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA) веруваат дека деталите за злосторствата на овој влијателен педофил се прикриени за да се заштитат моќни поединци или разузнавачки служби.

Трамп во вторникот го пофали постапувањето на својата државна обвинителка, изјавувајќи: „Многу добро се справи со тоа, и тоа ќе биде нејзина одлука. Што и да смета дека е веродостојно – нека го објави.“

На прашањето од новинар дали Бонди му кажала дали неговото име се појавува во досиејата, Трамп одговори: „Не, не.“

Подоцна истиот ден повторно повика на објава на „веродостојни“ информации, но изрази чудење поради постојаниот интерес за случајот со Епштајн, нарекувајќи го „досаден“.

„Само навистина лоши луѓе, вклучувајќи ги и лажните медиуми, сакаат вакви работи да се развлекуваат“, изјави Трамп.

Минатата недела во Овалната соба со фрустрација ја коментирал опсесијата со Епштајн и ги повикал сите „да продолжат понатаму“.

Но некои републиканци не се откажуваат. Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон во интервју за конзервативниот коментатор Бени Џонсон изјави дека му верува на претседателот и неговиот тим, но и дека Белата куќа располага со информации кои не се познати на Конгресот.

„Пам Бонди треба да излезе пред јавноста и сè да објасни“, рече Џонсон. „Треба сè да ставиме на маса и да му дозволиме на народот да одлучи.“

Конгресменката од Џорџија, Мерџори Тејлор Грин, во одделно интервју за истиот коментатор изјави: „Целосно ја поддржувам транспарентноста по ова прашање.“ Ја пофали Бонди, но додаде дека политичките лидери мора да ги исполнуваат ветувањата кон гласачите.

Републиканката Лорен Боберт од Колорадо изјави дека, ако не се објават повеќе досиеја за Епштајн, треба да се назначи посебен обвинител кој ќе ги истражи неговите злосторства.

Сенаторот Џон Кенеди од Луизијана порача дека граѓаните имаат право на одговори.

„Целосно е разбирливо што Американците сакаат да знаат на кого му ги продавал Епштајн тие жени и зошто тие луѓе не се гонат“, изјави Кенеди за NBC News.

Но некои високи републиканци, како сенаторот Џон Тјун и конгресменот Џим Џордан, одлучија одлуката да ја препуштат на Трамп.

На одвоена прес-конференција за борбата против фентанилот, Бонди одби да одговара на прашања за Епштајн.

„Ништо за Епштајн“, им рече на новинарите. „Нема да зборувам за Епштајн.“

Додаде дека минатонеделната изјава на Министерството за правда, објавена заедно со ФБИ, во која се потврдува дека Епштајн се самоубил и се одбива објавата на нови документи – „говори сама за себе“.

Во февруари за Fox News изјави дека го има списокот на клиенти на Епштајн на своето биро, но нејзиниот портпарол минатата недела појасни дека всушност мислела на целокупните списи во случајот.

Според владиното соопштение, заклучоците се донесени по преглед на повеќе од 300 гигабајти податоци.

Во вторникот, демократите во Претставничкиот дом се обидоа да наметнат гласање за објавување на документите за Епштајн, но не успеаја.

Републиканците потсетија дека и администрацијата на претседателот Џо Бајден имала пристап до тие датотеки – но исто така не ги објавила.