Убиството на Унгарецот од украинскиот регион Закарпатие од страна на украинските воени комесари сведочи за беззаконието што владее во земјата и докажува дека Украина не смее да стане членка на Европската Унија, изјави во вторникот вечерта унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Целиот Карпатски регион беше потресен од видеата кои докажуваат дека нашиот сонародник Јожеф Шебестјен бил претепан до смрт од лица кои се нарекуваат воени комесари, за време на присилна мобилизација. Ништо не ѝ дава право на ниту една земја да постапува толку сурово како што постапи Украина со Јожеф Шебестјен. Неговата судбина јасно ги покажува условите за живот во Украина, беззаконието под контрола на државата и апсолутното отсуство на безбедност“, рече Орбан во видео обраќањето објавено на социјалните мрежи.
Според него, овој случај „ги разоткрива пофалбите за Зеленски што доаѓаат од Брисел и покажува зошто Украина не може да биде членка на Европската унија“.
„Јожеф Шебестјен не е само Украинец, туку и Унгарец, а со тоа и граѓанин на ЕУ. Денеска во Брисел, унгарската влада покрена иницијатива за итно вклучување на украинското раководство на листата на санкции за кршење на човековите права, кое е одговорно за смртта на унгарскиот државјанин Јожеф Шебестјен. ЕУ постојано ја применува оваа практика во други земји. Време е Брисел да ги заштити не само украинските власти, туку и украинскиот народ, како и Унгарците од Закарпатие“, истакна унгарскиот премиер.
Минатиот четврток весникот Magyar Nemzet, повикувајќи се на роднини на починатиот, објави дека 45-годишниот Јожеф Шебестјен починал во болница три седмици откако украинските воени комесари го фатиле на улица, го натерале да влезе во комбе, го однеле во центар за регрутација и го претепале со метални прачки. Сестрата на починатиот објави видеа на кои се гледа како украински војници го тепаат нејзиниот брат. Министерството за надворешни работи на Унгарија го повика амбасадорот на Украина и побара објаснување.
Премиерот на Унгарија изјави дека земја каде што воените комесари ги тепаат луѓето до смрт за време на присилна мобилизација не може да стане членка на Европската унија.
Порано, министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека со години претставниците на украинските власти не дале јасен одговор на обвинувањата за угнетување на Унгарците во Закарпатие и дека сега „голем број“ од нив се мобилизираат во украинската армија, понекогаш користејќи „многу сурови методи“. Според него, присилната мобилизација во украинската армија, вклучително и припадници на унгарското малцинство, е кршење на човековите права, додека молчењето на организациите за човекови права за присилната мобилизација и апсењето луѓе кои се обидуваат да избегнат регрутација е срамно.
Видеата од присилната и често насилна мобилизација во вооружените сили на Украина, каде што се гледаат украински воени комесари како ги одведуваат мажите во комбиња, каде што често се тепани и се користи сила, се широко дистрибуирани на интернет.
Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Киев беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци. Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот.