Илкај Гундоган го тера вториот мандат во редовите на Манчестер Сити, тим во кој неочекуванот се врати минатото лето по кратката епизода која ја имаше во редовите на Барселона.
И тој како и најголемиот дел од соиграчите не беа на посакуваното ниво во сезоната во која Сити потфрли во сите натпреварувања и остана без ниту еден трофеј.
„Граѓаните“ најавија промени, веќе се доведени некои играчи, некои фудбалери си заминаа, додека дел од нив допрва треба да го напуштат „Итихад“. Кога е во прашање Илкај тој има договор до 2026 година, па иако се поврзува со Галатасарај негова желба е да продолжи да го носи дресот на составот од Манчестер.
- Имам уште една година од договорот и сум многу среќен тука – мислам дека сите го знаат тоа. Уживам во мојот фудбал. Сè уште верувам дека имам уште неколку години на највисоко ниво, грижејќи се добро за себе. Го докажав тоа минатата сезона кога не пропуштив ниту еден натпревар. Достапен сум, спремен сум, сакам да играм на највисоко ниво многу подолго, - истакна Германецот со турски корени.