Бостон Селтикс важеше за еден од главните фаворити за пехарот во оваа сезона во НБА лигата, меѓутоа „келтите“ не ги оправдаа очекувањата и многу рано го завршија настапот во плејофот каде беа елиминирани од Њујоркс Никс.
По ова како и по тешката повреда на Џејсон Тејтум кој ќе ја пропушти целата наредна сезона беше јасно дека ќе има промени во редовите на Селтикс, па така оперативецот Бред Стивенс го направи првиот значаен потег со кој се откажа од еден од најдобрите плејмејкери кога е во прашање играта во двата правци, човекот со две НБА титули-Џру Холидеј.
Холидеј е испратен во Портланд Трејл Блејзерс, додека за возврат е добиен Енферни Сајмонс и два пика од втората рунда на драфтот.
Сајмонс му се приклучува на Бостон со договор што му истекува, додека на Холидеј му се должат околу 72 милиони долари во 2026-27 и 2027-28. Оваа зделка му заштедува на Селтикс 40 милиони долари од плаќање данок на луксуз следната сезона.
Кога е во прашање НБА вреди да се напомене дека Далас Маверикс го „врза“ центарот Даниел Гафорд со тригодишен договор вреден скоро 60 милиони долари.