Британскиот премиер, Кеир Стармер, го повика Иран да се врати на преговарачката маса и рече дека стабилноста во регионот останува приоритет, се вели во соопштението од Даунинг стрит, по американските напади врз три од главните ирански нуклеарни постројки, додека НАТО објави дека ја следи ситуацијата, а ЕУ исто така повика на преговори.
„Нуклеарната програма на Иран е сериозна закана за меѓународната безбедност. На Иран никогаш не смее да му се дозволи да развие нуклеарно оружје, а САД презедоа чекори за да ја ублажат таа закана“, рече Стармер во изјавата.
„Го повикуваме Иран да се врати на преговарачката маса и да постигне дипломатско решение за ставање крај на оваа криза“, рече тој.
Британскиот министер за трговија изјави за Скај њуз дека Лондон не бил вклучен во американските напади врз Иран и дека не добил барање за користење на британската база во Диего Гарсија, но дека бил информиран за нападите.
Претставник на НАТО за Ројтерс изјави дека Алијансата внимателно ја следи ситуацијата. Запрашан за одговорот на Алијансата на нападите и какво било можно влијание врз неборбената мисија на НАТО која спроведува активности за обука и градење капацитети во соседен Ирак, официјалниот претставник рече: „Се разбира дека внимателно ја следиме ситуацијата“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, побара од сите страни да се вратат на преговарачката маса, но исто така нагласи дека не смее да му се дозволи на Техеран да развие нуклеарно оружје.
„Ги повикувам сите страни да се повлечат, да се вратат на преговарачката маса и да спречат понатамошна ескалација“, рече таа, додавајќи дека министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе разговараат за ситуацијата.
„Не смее да му се дозволи на Иран да развива нуклеарно оружје“, рече Калас во објавата на платформата на социјалните мрежи „Икс“.
Ирак остро ги осуди американските напади врз нуклеарни постројки во соседен Иран и предупреди на последиците за безбедноста на Блискиот Исток.
„Оваа воена ескалација претставува сериозна закана за мирот и безбедноста на Блискиот Исток и сериозни ризици за регионалната стабилност“, соопшти ирачката влада.
Багдад повика на итна деескалација и употреба на дипломатија за смирување на кризата.
„Ова мора да се направи на начин што ќе ја заштити колективната безбедност и ќе ги почитува принципите на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“, додаде портпаролот на ирачката влада во онлајн изјава.
Ирак, кој одржува добри односи и со Вашингтон и со Техеран, се обидува да остане настрана од сегашната војна меѓу Иран и неговиот голем ривал Израел.
Саудиска Арабија изрази „голема загриженост“ по американските напади врз иранските нуклеарни локации, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на „Икс“.
Кралството ја повика меѓународната заедница да ги засили напорите во такви „многу чувствителни околности“ за да се постигне политичко решение за ставање крај на кризата.
Катар рече дека опасните тензии по американските напади врз иранските нуклеарни локации ќе доведат до „катастрофални последици“ на регионално и меѓународно ниво, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на „Икс“.
Министерството го осуди „влошувањето“ на ситуацијата по американските напади, се вели во соопштението.